Наместо метла за чистење, четкичка за напудрување

Фотомонтажа: Златко Зец

Од долгоочекуваната „метла“ видовме само обична козметика. Вака политичките аналитичари ја коментираат владината реконструкција што завчера ја спроведе премиерот Зоран Заев кога смени шест досегашни министри, а на нивно место назначи нови вклучувајќи се и себеси. Универзитетскиот професор Лазар Лазаров вели дека граѓаните очекувале и заслужувале многу поголеми кадровски промени со оглед на тоа колку енергично и помпезно се најавуваше реконструкцијата во изминатиов период, а како што додаде, наместо тоа, на народот му била сервирана само „евтина шминка од непознато производство“.

– Сите промени што ги направи премиерот за мене се само обична шминка, бидејќи ништо посебно не се смени. Нема никакви промени во економијата, ниту во здравството и во образованието, туку напротив, се случија само рокади и разместувања без никакво посебно значење. Кога станува збор за албанскиот блок, пак, премиерот не се охрабри да чепне малку подлабоко и во име на правдата да го разлути својот коалициски партнер Али Ахмети. Па така, незадоволството кај граѓаните воопшто не се намали, а и нивниот живот нема да се подобри. Јас мислам дека баш никаков бенефит нема да видиме од оваа реконструкција. Премиерот треба малку да се подзамисли и да спроведе вистински реформи, а на министерските позиции да назначи вистински луѓе кои се кроени за таа функција. Во спротивно, сè ќе биде мачкање очи како што е сега – објаснува Лазаров.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски исто така смета дека долгонајавуваната реконструкција е разочарувачка за граѓаните, а додава и дека ваквиот потег покажува оти „метлата“ никогаш не постоела, туку дека сè се вртело околу бизнис-интересите на партијата на власт.

– Промената на неколкуте министерски места само покажа дека граѓаните не се на прво место, туку дека тоа се партиските и бизнис интересите. И самиот начин на комуникација на премиерот апсолутно покажува дека тотално не му е гајле за народот, туку му се важни само луѓето околу него кои постојано му велат дека е најдобар и кои му симнуваат ѕвезди. Треба да биде јасно дека овде не постои никаква метла и дека не е извршена никаква владина реконструкција. Онаму каде што не се гледаа никакви резултати, таму си останаа истите луѓе, па дури некои добија и други министерски фотелји. По сè изгледа дека никогаш не постоел план за искрена и вистинска чистка. Ова беше само емотивна реакција на неуспехот, но кога им легнаа емоциите, тие решија максимално да ги искористат претстојните две години на власт – вели Пекевски.

Поранешниот претседател на парламентот, Стојан Андов, пак, е повеќе оптимист околу оваа работа и вели дека оваа смена на министри ни била повеќе од неопходна.

– Премиерот Заев сигурно настојувал да ги промени оние кадри за кои добивал сигнали дека не си ја вршат работата најдобро што можат. Најзначаен потег од целата реконструкција е тоа што го тргна Драган Тевдовски од позицијата министер за финансии. Мислам дека тука постојат некои работи што ние не ги знаеме, но сепак некои од нив ги насетуваме. За другите министерски смени не би можел многу да зборувам, бидејќи, искрено, не ги познавам луѓето, но верувам дека овојпат тие ќе работат чесно и под силна контрола на премиерот. Како и да е, оваа реконструкција, ваква или таква, ни беше повеќе од потребна и сметам дека претседателот на Владата ги направи вистинските потези – објаснува Андов.

Премиерот завчера официјално го достави предлогот со смени на министерски места до Собранието. Во предлогот е наведено дека самиот премиер ќе биде министер за финансии. Исто така, посочено е дека сменет ќе биде и министерот за локална самоуправа Схејл Фазлиу, а на негово место ќе дојде лидерот на ЛДП Горан Милевски. На местото на досегашниот министер за екологија Садула Дураку ќе дојде Насер Нуредини, а Дураку, пак, ќе биде прв човек на новото Министерство за политички систем и за односи меѓу заедниците. Хусни Исмаили ќе биде новиот министер за култура, а советникот на поранешниот министер за земјоделие Љупчо Николовски, Трајан Димковски, ќе биде новиот министер за земјоделство.

По реконструкција на Владата, премиерот најави дека ќе следуваат и промени во вториот и во третиот ешалон, со кои треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.

Алијанса за Албанците: Не излезе ништо од метлата

Алијансата за Албанците постојано ги истакнуваше сомневањата во врска со „метлата“ која беше најавена со голема помпезност, велат од партијата на Зијадин Села.

– Од „метлата“ не излезе ништо конкретно освен 3-4 наметнати промени како последица на оставките на министерите за култура и министерот за земјоделство, како и поради отсуството на работа на Хазби Лика. Ништо конкретно не се смени. Единственото „откритие“ на премиерoт е тоа што одлучи тој самиот да ја врши функцијата министер за финансии, што не претставува ништо друго освен „трик“ за да ги измами граѓаните, така што тој ги презема лично финансиските работи на државата и дека сега ќе има резултати – велат од партијата.

Оттаму посочуваат и дека премиерот „не покажал смелост да се ослободи од партиските гангстери што ги окупираа институциите и кои мислат дека владините функции им припаѓаат во наследство“.

НДП: Премиерот сам ни го одзеде министерството

Одлуката за промена на министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу е донесена бeз coглacност на НДП, реагираа од партијата на Весел Мемеди, чиј кадар беше досегашниот министер, а кој во претстојната владина реконструкција ќе биде зaмeнет со лидерот на ЛДП, Горан Милески.

„Министерството за локална самоуправа му припаѓа на коалициски партнер на Владата, а тоа е нaшата партија. Премиерот нe може да oдлyчyвa бeз наша coглacност ова министерство да му го додели на внатрешен партнер на партијата СДСМ, со кој има внaтpeшни пpoблeми, со цел да ги зaдoвoли неговите коалициони партнери, а во штeтa на владината коалиција“, се наведува во peaкцијата на НДП.

Јовановиќ: Местачите на тендери си останаа на работа

Поранешниот советник на сега ексминистерот за финансии, Бранимир Јовановиќ, коментирајќи ја смената на Драган Тевдовски, вели дека требало да се сменат оние што местеле милионски тендери и кои трошеле државни пари, а не актуелниот министер.

– Мислев дека метлата требаше да ги фати оние што работеа за личен интерес наместо за јавниот, оние што местеа милионски тендери и оние што трошеа државни пари, а ништо не работеа. Можеби има нешта што не ги знам во целава работа, но едно знам. Ако државава ги менува оние што работат чесно и вредно, кои прават реформи, кои се жртвуваат за општото добро, никогаш нема да ја биде – вели Јовановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот