„Најважниот зет“ во светот се откажува од изградба на хотелот „Трамп“ во Белград: Џаред Кушнер отстапи пред негативните реакции
Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, се откажа од планираниот проект за хотел и деловен комплекс во Белград, на местото на објектот на Генералштабот, откако проектот предизвика бројни протести и критики, а денеска донесе и обвинение против актуелниот министер за култура, објави Волстрит журнал.
Препорачано
Јавното обвинителство за организиран криминал на Србија денеска поднесе обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ, секретарката на Министерството за култура Славица Јелача, в.д. директорот на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, Горан Васиќ и в.д. директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата на град Белград, Александар Ивановиќ, во врска со незаконитостите при отстранувањето на статусот на културно добро од зградата на Генералштабот во центарот на Белград, објавија српските медиуми.
Џаред Кушнер лани ја изрази својата намера да изгради луксузен хотел вреден 500 милиони долари на место на зградата на Генералштабот разурната во бомбардирањето на НАТО во 1999 година.
Проектот има и своја официјална веб-страница, на која може да се види како требало да изгледаат планираните згради од повеќе агли.
Српскиот Парламент лани во ноември започна дебата за посебен закон што ќе овозможи изградба на местото на зградите на Генералштабот и Министерството за одбрана оштетени во бомбардирањето на НАТО во 1999 година. Зградата беше погодена од проектили на НАТО во пролетта 1999 година, за време на бомбардирањето на тогашна СР Југославија поради војната во Косово. И покрај тоа што беа бомбардирани, зградите го задржаа својот заштитен статус поради, како што велат активистите, нивното архитектонско значење.
Предложениот нов закон го поништува бришењето на заштитениот статус, со тоа што го прогласува проектот за национален приоритет, наведувајќи дека „сите процедури поврзани со спроведувањето на проектот за ревитализација на Генералштабот треба да се сметаат за итни“ и „сите државни органи и институции се должни да донесат акти во рамките на нивната надлежност без одложување“.


