Најмладите пациентки со рак на грлото на матката во Македонија имаат по 18 години

Најмладите пациентки на кои им бил дијагностициран рак на грлото на матката во Македонија имаат по 18 години, а средната возраст за дијагнозата е 55 години, беше соопштено на настанот по повод обележувањето на Неделата за подигнување на свеста за борбата против овој вид карцином во организација на Македонското лекарско друштво и Македонското здружение за цервикална патологија.

Бројот на жени кои заболуваат од оваа болест во државата расте. На Клиниката за онкологија во 2024 година имало 74 пациентки, а лани 122 пациентки. Ризикот од рак на грлото на матката се намалува со примање на ХПВ вакцината.

Претседателот на Македонското лекарско друштво и на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија, професор доктор Горан Димитров рече дека од 2030 година сите земји треба да применуваат ХПВ тест како скрининг.

– Втората работа е дека тие што ќе ги откриеме треба да ги третираме, за тоа имаме персонал, имаме изучен кадар, така што подготвени сме кога би можеле да прејдеме на таков приод во скринирањето, да направиме скринингот на жените во нашата република да оди во најдобар можен ред, рече тој.

Директорката на Клиниката за гинекологија професор доктор Ирена Алексиоска-Папестиев цитираше студија од Институтот за епидемиологија, во која е констатирано дека за периодот од 2016 до 2023 година овој вид карцином е сериозен проблем – во тие години дијагностицирани биле 2263 пациентки.

-Повеќе загрижува што се појавува кај се помлади пациентки. Најмладите се на 18-годишна возраст, дијагностицирани се во 2017 и во 2020 година, а средната возраст е 55 години. Загрижува што 540 пациентки што е речиси 24 отсто, починале за жал, а се работи за карцином кој е превентабилен. Целта е да ја зголемиме свесноста кај јавноста, рече директорката.

Таа изрази надеж дека ХПВ базираниот скрининг ќе се имплементира во Македонија.

Професор доктор Виолета Клисаровска од Клиниката за онкологија рече дека бројот на пациентки со оваа дијагноза расте.

– Висок процент од 70, па и до 80 отсто од овие пациентки се јавуваат во локално напредната болест најмалку, односно во еден значајно екстензивен процес на болеста кога навистина и најмногу труд и најдолг и најекстензивен е и третманот и се трошат и најмногу финансиски средства, изјави таа.

Националниот координатор за имунизација, професор доктор Александра Грозданова посочи дека во 2025 година се воведе деветовалентната ХПВ вакцина и за момчињата.

– Веќе и бројките одат со добар тренд нагоре. Веќе има 60 отсто опфат со оваа вакцина, бидејќи долги години наназад не можевме да стигнеме до овој процент. Во регионот сме меѓу лидерите, бидејќи и првпат меѓу првите ја воведовме ХПВ вакцината. На товар на државата се вакцинираат сите момчиња и девојчиња до 19 годишна возраст, рече професор доктор Грозданова.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот