Полиција во Нигерија / фото: EPA-EFE/AKINTUNDE AKINLEYE

Најмалку 25 луѓе се убиени во напади во две села во Нигерија, запалени се и куќи

Најмалку 25 луѓе се убиени, а повеќе куќи запалени откако вооружени напаѓачи влегле во две села во сојузната држава Адамава, во североисточна Нигерија, соопштија жителите и гувернерот на државата, пренесува Ројтерс.

Нападнати се Кирчинга во округот Мадагали и Гараха во соседниот округ Хонг, две села на работ на шумата Самбиса.

Двата напада ја истакнуваат долготрајната несигурност во североисточна Нигерија, епицентарот на 17-годишниот исламистички бунт, и покрај повеќегодишните воени кампањи.

Абубакар Лаван Канури, селскиот старешина на Кирчинга, за Ројтерс изјави дека напаѓачите пристигнале вчера вечерта облечени во воени униформи, што првично ги навело жителите да помислат дека станува збор за војници на патрола. Тој рече дека биле пронајдени 18 тела откако вооружените лица поминале низ заедницата.

„Во Гараха, седум лица беа убиени кога напаѓачи на повеќе од 50 мотори влегоа во селото и ја нападнаа блиската воена база“, изјави локалецот Муса Иса, кој додаде дека „едвај избегал“.

Напаѓачите влегле од неколку правци, при што убиеле тројца војници. Четворица жители кои бегале биле застрелани, а било запалено и училиште.

„Многу селани оттогаш побегнаа во Муби, најблискиот поголем град“, рече Иса.

Гувернерот на државата Адамава, Ахмаду Умару Финтири, ги осуди нападите како „кукавички акти на тероризам“.

„Ветувам дека нема да дозволам  терористите да ги поткопаат нашите напори за враќање на мирот и стабилноста“, се наведува во соопштението од неговиот портпарол.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот