Најдепресивниот ден во годината: Дали „Синиот понеделник“ е само голем маркетиншки трик?

Пабло Пикасо - Pierreuses au bar (Две жени во бар), 1902

Денес е третиот понеделник во јануари кој со години се нарекува најдепресивен ден во годината.

Теоријата на Синиот понеделник (Blue Mondаy) датира од 2004 година од Клиф Арнал, велшки психолог кој предавал во вечерното училиште на образовниот центар на Универзитетот во Кардиф.

Арнал зел предвид бројни фактори како временските услови, испразнатиот џеб на обичниот граѓанин по празничната еуфорија како и мотивацијата.

via GIPHY

Нема научна основа

Но, Синиот понеделник е во основа идеја на маркетинг компанија која сакала  да ја зголеми продажбата на летните аранжмани.

Арнал во една прилика признал дека го избрал овој датум кога од него било побарано да пресмета кој е најдепресивниот ден во годината.

„Прво ме замолија да смислам ден кој мислам дека е најдобар за резервација на летен одмор. Кога почнав да размислувам за мотивите да резервирам одмор, сеќавајќи се на она што ми го кажаа илјадници луѓе за време на работата или работилниците, овие фактори сугерираа дека третиот понеделник во јануари е особено депресивен“, објаснил тој.

via GIPHY

Глобално популарен термин

Овој понеделник низ годините во светот станал популарен до тој степен што некои психолози предупредуваат на неговото лошо влијание врз луѓето кои навистина се борат со депресија.

Иако на прва изгледа комплицирано и сериозно, формулата на Арнал за Синиот понеделник нема научна основа.

Според „Си-Ен-Ен“, доколку се разгледа формулата [W + (Dd)] xTQ / MxNA ќе сфатиме дека истата покажува дека вклучените променливи се субјективни и очигледно ненаучни.

„W“, на пример, го означува времето. „D“ е долгот, а „d“ е месечната плата, додека „T“ е времето поминато од Божик, а „Q“ пак, е времето откако сте се откажале од новогодишните одлуки.

Ниту еден вклучен фактор не може да се мери или спореди со истите единици. Формулата не може да биде соодветно проценета или потврдена. На пример, не постои начин да се измери просечниот број на денови откако луѓето се откажале од своите новогодишни одлуки. И времето во јануари варира од држава во држава, или ако сакате, од континент до континент.

„Не ни помислував дека формулата ќе ја добие популарноста што ја има“, изјавил Арнал за „Си-Ен-Ен“, тврдејќи дека водел кампања против сопствената идеја за Синиот понеделник. Кампањата била наречена „Stop Blue Monday“, но, се покажало дека тоа е и маркетиншки трик – овој пат имал за цел да го поттикне зимскиот туризам на Канарските острови.

„Воопшто не жалам“, заклучил Арнал, кој смета дека терминот Син понеделник„потикнал разговор за психологијата во медиумите“.

via GIPHY

Многумина не се согласуваат со него

„Тоа не е вистинскиот начин да се подигне свеста за проблемите со менталното здравје“, вели д-р Андонис Кусулис. „Со тоа што велиме дека еден ден е најдепресивниот ден во годината, без никакви докази, ние банализираме колку сериозна може да биде депресијата. Менталното здравје е најголемиот здравствен предизвик на нашата генерација. Банализирањето е целосно неприфатливо“, заклучи тој.

Низ годините, изразот Blue Monday стануваше сѐ попопуларен, а во 2014 година многу компании почнаа да го користат за промотивни цели.

Пред три години, Клиф Арнал изјави дека неговите намери никогаш не биле да го направи овој понеделник негативен, туку да ги инспирира луѓето да одат напред и да донесат некои големи животни одлуки.

Арнал пресметал и кога е најсреќниот ден во годината. Според него, во зависност од тековната година, најсреќниот ден се паѓа приближно меѓу 21 и 24 јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот