Најчестото прашање кое го добиваше Алексеј Навални: „Дали се плашиш за својот живот?
Имаше време кога новинарите го прашуваа Алексеј Навални зошто се уште е на слобода.
Препорачано
Следното прашање често беше дали се плаши за својот живот.
Кога Навални беше отруен со нервен агенс „новичок“ во август 2020 година, тие престанаа да прашуваат.
Сега најопасниот политички противник на Владимир Путин е прогласен за мртов од руската затворска служба, пишува „Би Би Си“.
Долго време се чинеше дека Кремљ мислеше дека тој е премногу влијателен за да се допре. Тој имаше поддржувачи низ целата земја и политичка мрежа каква што немаше ниту еден друг ривал на Путин.

Неговите филмови кои ја разоткриваат корупцијата на високо ниво беа гледани и споделени од милиони и, честопати, тој ги изнесуваше поддржувачите на улиците во масовен протест.
Кремљ го мразеше тоа, се разбира. Путин дури одби да го изговори името на Навални.
Но, се чинеше дека пресметката беше дека неговото затворање може да предизвика лута реакција која може да прерасне во нешто ризично за Путин да ја задржи власта.
Во својата анализа „Би Би Си“ потсетува дека Навални доби кратки периоди во полициски притвор. Имаше кривична пријава, но немаше затворска казна.

Додава дека во август 2020 година, рускиот опозициски активист „падна“ на лет од Сибир. Доколку пилотот не слетал принудно, Навални ќе умрел.
Тестовите во Германија потврдија дека станува збор за обид за атентат, со употреба на нервен агенс од воена класа, развиен во советско време.
Нападот се случи токму кога огромните протести собираа сила во соседна Белорусија против авторитарното владеење на големиот сојузник на Путин, Александар Лукашенко. Тие беа „нервозни“ времиња за Кремљ.
Кога Навални закрепна, знаеше дека никогаш повеќе нема да биде безбеден во Русија.

Државната затворска служба го предупредила дека ќе оди во затвор доколку се врати.
Во Москва известував за многу улични протести на Навални, неговите судски битки и неговите обиди да се кандидира за политичка функција, раскажува новинарката Сара Рејнсфорд.
Таа во својот текст вели дека секогаш имал ривалство меѓу опозициските редови во Русија.
Но, тој беше моќен говорник – мајстор за социјалните медиуми, вели Рејнсфорд.
– Не бев изненаден кога се врати во Москва во јануари 2021 година, и покрај се. И Навални не беше изненаден кога беше уапсен при пристигнувањето. Прво на суд, а потоа и од затвор продолжи гласно да зборува. Тој ќе се појави преку видео врска на рочиштата во повеќекратните кривични предмети против него. Обвиненијата постојано се натрупуваа, сите оправдувања да се држи затворен политичкиот противник. Изгледаше слабо, неговата глава избричена и затворската униформа лабава. Но, Навални звучеше оптимистички и пркосен како и секогаш, дури и зборувајќи од зад решетки, се вели во текстот.
Рејнсфорд додава дека Навални на своето последно појавување, ден пред да се каже дека починал, тој се уште се шегуваше. Неговата упорна бодрост сама по себе беше чин на отпор, одбивање да биде скршен.

Навални никогаш не го напушти своето верување во она што неговиот тим го нарече „убавата Русија на иднината“: крајот на долгото и репресивно владеење на Путин и изгледите за политички промени во неговата земја.
Но, по апсењето на активистот, Путин ја започна својата војна против Украина, политичката организација на Навални беше забранета како „екстремистичка“, а нејзините членови беа уапсени.

Други познати критичари на Путин беа затворени или избегаа од земјата заради безбедност.
За нив, и за сите оние кои замислуваа поинаква Русија, веста за смртта на Навални значи дека изгледите никогаш не изгледале толку мрачни.
За мене највпечатливо е сознанието дека ваквите вести веќе не се ни шок, констатира новинарката на „Би Би Си“.


