Наградениот роман „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска ќе има промоција во Кавадарци
Во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, на 15 август, од 20 часот, ќе биде промовиран романот „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска, кој ја доби наградата „Роман на годината“ за 2023 година од Фондацијата „Славко Јаневски“.
Романот ќе го промовира писателката Виолета Танчева-Златева, а ќе присуствуваат и претставници на Фондацијата „Славко Јаневски“, како организатор на доделувањето на една од најпрестижните награди за проза кај нас, наградата „Роман на годината“.
Критиката веќе се огласи за многузначноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите, исто така, ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме се очекува третото издание на романот, нецела година од неговото прво објавување.
Наградата беше соопштена на 15 март годинава, а во мај ѝ беше свечено врачена на авторката Лидија Димковска, на пригоден настан во Драмски театар во Скопје.
„Ако нашето постоење во светот сè повеќе зависи од нашиот единствен матичен број, во нашиот свет на квалитетна книжевност, постоиш ако читаш“, истакнуваат од „Три“ во поканата за промоцијата на романот „Единствен матичен број“ во Кавадарци.