Награда „Менада“ за универзитетите „Кодартс“ од Ротердам и „Гоце Делчев“ во Штип

„Таленти во движење“ на танцовата компанија „Кодартс“ од Ротердам

Бордот на фестивалот „Танц Фест Скопје 2023“, кој традиционално ја доделува наградата „Менада“ за поддршка на современиот танц, оваа година, на деветнаесетото издание на фестивалот, наградата ја додели на Универзитетот „Кодартс“ од Ротердам, Холандија, со кој културниот центар „Интерарт“ соработува 15 години и со чија поддршка е основана првата едукативна програма за современ танц на универзитетско ниво во земјава, и на Универзитетот „Гоце Делчев“, на кој во 2017 година се вдоми Катедрата за современ танц.

– Сметаме дека е исклучително значајна работата на двата универзитета, нивниот сенс и однос кон современата култура, со посебен акцент на квалитетот на наставата, извонредната продукциска програма која им ја овозможуваат на студентите. Академијата за современ танц при универзитетот „Кодартс“ во 2008 година потпиша Меморандум за соработка со „Интерарт“ и Рисима Рисимкин, со која во 2010 започна со работа Скопје танцовата академија, прва образовна програма на универзитетско ниво за современ танц во земјава. Оваа соработка, во која „Кодартс“ за првпат во својата историја, долга преку 80 години постоење, дозволи споделување на наставните програми на универзитетот, беше поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Со тоа се овозможи исклучителен развој на млади уметници, танчери и кореографи, кои кај нас се едуцираат на европско ниво, а програмата привлекува и странски студенти. Оваа програма е прогласена за најдобар проект кој Амбасадата на Кралството Холандија го поддржала во областа на културата кај нас – стои во образложението на Бордот на фестивалот.

Танцовата компанија „Кодартс“ работи во соработка со еден од најзначајните светски танцови фестивали и гостува низ Холандија и на интернационално ниво.

– Универзитетот „Гоце Делчев“ покажа исклучително чувство за уметничките современи форми и даде своја поддршка за развојот на современиот танц во земјава, преку оформување на Катедрата за современ танц на Филмската академија, програма која беше поставена во соработка со Холандија. Воедно, во заеднички заложби со професорката Рисимкин, се обезбедија и просторни услови и Катедрата работи во просториите на Домот на АРМ во Скопје, со што се заокружува формирањето на оваа програма – истакнато е во образложението на Бордот на фестивалот.

Танчари од Катедрата за современ танц при УГД – Штип

Студентите на Катедрата за современ танц својата пракса ја изведуваат во рамки на програмата и продукциите на Скопје танцовиот театар, со што се дел од висококвалитетни продукции и настапуваат во земјава и на интернационално ниво.

Со оглед на тоа што современиот танц е уметност на 20 и 21 век, како и можностите кои овие две високообразовни институции им ги даваат на младите и оформувањето на современата танцова сцена кај нас, Бордот на фестивалот „Танц Фест Скопје 2023“ ја доделува наградата „Менада“ за поддршка на современиот танц на Универзитетот „Кодартс“ од Холандија и на Универзитетот „Гоце Делчев“ од С Македонија.

Наградите ќе се доделат на 4 април, во 20 часот, на сцената на Македонскиот народен театар, на свеченото отворање на фестивалот „Танц Фест 2023“ на кое ќе се изведе претставата на „Таленти во движење“ на танцовата компанија „Кодартс“ и кое се одржува во чест на 30 години дипломатски односи со Холандија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот