Надзорот на финансиската полиција ги скара обвинителите: Јовески му најде мана на тимот на Русковска, таа вели дека не им личи да се препукуваат преку медиуми

Фото - Колаж : Вилма Русковска, Арафат Муареми, Љубомир Јовески

Отворениот конфликт меѓу две важни институции во борба против криминалот, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) и Управата на финансиската полиција, се продлабочува по увидот во предметот што го направија државни обвинители од Јавното обвинителство. Обвинители чиј шеф е државниот јавен обвинител Љубомир Јовески утврдиле пропусти во надзорот што ОЈОГОКК го направи во Финансиската полиција.

„При вршењето на надзорот, јавните обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале во предметот беа задолжени да изготват информација за наводите во претставката. Меѓутоа, само еден од јавните обвинители постапи по задолжението и ја достави бараната информација. Одбивањето да се даде бараната информација за да се утврдат фактите за постапувањето по конкретниот предмет го поткрепува сомнежот за недоследности во постапувањето,“ пишува во соопштението на Јавно обвинителство.

Нарушена е хоризонталната надлежност

Со надзорот во предметот е утврдено дека ОЈОГОКК примило анонимна кривична пријава на 3.5.2022 година, а на 18.7.2022 година изготвено е барање за издавање наредба за претрес. Барањето истиот ден е доставено до Основниот кривичен суд Скопје.  Државните обвинители тврдат дека во образложението доставено до Судот погрешно му се даваат податоци дека ОЈОГОКК се сомнева во кривично дело, а во списите од предметот има само анонимна кривична пријава.

„Анонимната кривична пријава и конкретните наводи во неа, непоткрепени со ниту еден доказ или со други средства, можат да бидат повод за поведување кривична постапка, но таа не обезбедува определен степен на веројатност дека ќе се пронајдат траги на кривичното дело или предмети важни за кривичната постапка за да има основи за барање на претрес на простории на државен орган и претрес на лице,“ соопшти Јавното обвинителство.

Покрај тоа, во образложението на барањето за издавање на наредба за претрес се наведува дека во предметот се води предистражна постапка, а при увидот е констатирано дека во списите постои само барање за претрес и писмо, кои се први дејствија преземени во постапката по анонимната кривична пријава.

„Содржината и наводите во кривичната пријава не произлегуваат дејствија за кривично дело – примање награда за противзаконито влијание. При постапувањето по пријавата, за  исти дејствија доставено е и писмено барање до Управата за финансиска полиција за да  ги достави истите списи,  кои исто така се бараат да се обезбедат со претресот“, утврдиле државните обвинители и бараат од Вилма Русковска „целосно да се испита постапувањето по овој предмет за да се утврди фактичката состојба и сите релевантни околности, пропустите во постапувањето, фактите и евентуална одговорност“ и за тоа да го извести државното обвинителство.

На соопштението од Обвинителството чиј претседател е Јовески, му претходеше претставка што ја упати директорот на Финансиска полиција Арафат Муареми со забелешки на начинот како е извршен претресот во Управата, со е „нарушен угледот на институцијата со која што раководи.“

Јовески, откако ги проверил наводите, утврдил и други неправилности во постапувањето во конкретниот предмет.

„При заведувањето на оформениот предмет нарушена е хоризонталната надлежност и организацијата на Јавното обвинителство. Кривичната пријава се однесува на лица од Управата за финансиска полиција, кои имаат полициски овластувања, а по таквите пријави надлежно е да постапува Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Според тоа, тројцата јавни обвинители од ОЈОГОКК кои постапувале по овој предмет, а не се дел од Специјализираното одделение, ненадлежно постапувале по кривичната пријава“, смета Јовески.

Русковска: Јавниот обвинител не може да се меша

Русковска го оспорува извештајот изготвен од Јавното обвинителство. Таа за Алсат вели дека јавниот обвинител нема законско право да се меша во постапувањето по конкретен предмет и додава дека од неа не е побарано да достави изјава.
Во врска со забелешката дека по предметот може да постапува единствено Специјализираното одделение за гонење кривични дела извршени од лица со полициски овластувања, Русковска вели дека прашање е дали директорот на Финансиска полиција има полициски овластувања со оглед на тоа што го именува Владата. Во секој случај, додава таа, предметот може да се презаведе од еден уписник во друг и тоа би било законски.

Во однос на тоа дека ОЈО утврдило неправилности, таа вели дека Судот е тој кој одлучува дали има основи за издавање наредба за претрес.

– Тоа дали има основи за издавање наредба за претрес одлучува Судот, не јавниот обвинител. Доколку некој сметал дека претресот е незаконит, можел да вложи жалба до Кривичниот совет на Судот. Колку што ми е познато, таква жалба не е вложена – вели Русковска.

Таа додаде дека е разочарана од соопштението, затоа што очекувала прво тие да ги дознаат наодите на ЈОРСМ, а не за тоа да дознае од медиумите.“

– Не е во ред една иста институција меѓу себе да се расправа преку медиуми. Тоа го нарушува угледот на целата институција – вели Русковска.

Порталот „Призма“ лани разговараше со шефицата на ОЈОГОКК, Русковска. Едно од прашањата беше – дали смета дека „власта ѝ подготвува свилен гајтан“. Таа тогаш одговори дека нема такво чувство.

Протече и аудиоснимка со Русковска

На соопштението на државното обвинителство му претходеше објавувањето на аудиоснимка на социјална мрежа. На тонскиот запис се слушаат неколку гласови кои се намерно изобличени во разговор наводно со обвинителката Русковска. Сниката е објавена на Твитер.

Русковска за „Фокус“ изјави дека претпоставува оти снимката е дел од материјалите кои бизнисменот Орце Камчев ги доставил до Обвинителството за случајот „Рекет“.

– Мислам дека разговорот е во време кога го пријавуваше случајот „Рекет“. Тогаш ја работев и истрагата за организаторите на 27 април – вели Русковска.

Непознатото лице на снимката прашува како е можно и по шест месеци да не се знае што е суштината на делото во случајот „Империја“.

– Може. Го држев два месеци и го заборавив. Го заборавив, буквално. Не. Го заборавив, намерно. Владимир Атанасовски, го ставив во притвор и го заборавив два месеци – му одговара Русковска на непознатото лице во аудиоснимката.

Ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, беше осуден за случувањата на 27 април. Претходно, притворот му беше неколкупати продолжуван.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот