Националниот сојуз на глуви ги демантира обвинувањата на здружението

Фото: Слободен печат

Националниот сојуз на глуви и наглуви до здружението на глуви „Тишина“ јавно им побара да ја вратат опремата купена од парите наменети за глувите, а тука се мобилни телефони, таблети и лаптопи, како и парите што ги подигнале, печатот и архивата.

Претседателот на сојузот Томица Стојановски рече дека здружението „Тишина“, кое денеска протестираше повеќе не е дел од Националниот сојуз за глуви. Тој тврди дека тие имале лажни обвинувања и од сојузот ја демантираат информацијата на здружението „Тишина“ дека им се вршеле притисоци за да не излезат на денешниот протест.

„Тие што денеска одржуваа некаков протест имаа осум години да спроведат проекти за да се подобри состојбата, а не направија ништо. Само неколку здруженија, односно нивното раководство имале корист. Осум години по ред претходно, претседателот на Националниот сојуз на глуви подигнувал пари во готовина. Зошто некој го штител од 2010 до 2018 година? Каде биле од министерството да реагираат“, прашува Стојановски.

Тој рече дека здружението „Тишина“ е отстрането од Националниот сојуз бидејќи не може две здруженија од Скопје да бидат членки на Националниот сојуз на глуви. Оваа одлука не ја донел лично претседателот ниту генералниот секретар, како што обвинија од „Тишина“, туку донесена е на Собрание на сојузот од 23 членови. Стојановски тврди дека ова го покажува извештајот за ревизија и алармира до обвинителството поажурно да работи по поднесените кривични пријави за поранешното раководство.

Тој рече дека е само 11 месеци претседател на сојузот и тврди дека не одбиле човек кој официјално барал толкувач до Националниот сојуз.

„Јас сум вработена во Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, каде веќе шест години работам. Во Националниот совет за глуви не ме вработил претседателот, туку Советот за инвалидските организации ме префрли“, вели Лиза Велкоска, генералниот секретар на Националниот сојуз за глуви и наглуви.

Тие бараат истражните органи да откријат каде се еден милион и двеста илјади кои во месец ноември 2018 година биле извадени од сметка на сојузот. Велат дека најголем дел од парите биле дадени на здруженијата во Гостивар, Прилеп и Куманово.

За најавената средба во вторник во Министерството за труд и социјална политика Националниот сојуз дополнително ќе одлучи дали ќе седне на иста маса со здружението „Тишина“ за да најдат заедничко решение. Од сојузот тврдат дека за разлика од претходните раководители сега тие спроведуваат реални проекти кои ќе им помогнат на сите глуви луѓе.

Нема кој да ги слушне проблемите на глувите, бараат толкувачи (ФОТО)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот