Националната галерија потпиша Меморандум за културна соработка со Музејот на современа уметност од Белград
Националната установа Национална галерија на РС Македонија – Скопје склучи меморандум за културна соработка со Музејот на современа уметност од Белград (Република Србија) на 16 јануари 2026 година.
Препорачано
Меморандумот за културна соработка е потпишан на неопределено време меѓу Маријана Колариќ, директорка на Музејот на современа уметност на Република Србија, и Али Синани, директор на Националната галерија на Република Северна Македонија.
Предмет на овој Меморандум е меѓусебна поддршка и соработка меѓу Музејот на современа уметност од Белград и Националната галерија на Република Северна Македонија, со цел заштита и презентација на културното наследство на современата уметност, за градење капацитет и едукација на стручниот персонал од двете институции.
Соработката вклучува реализација на поединечни и заеднички програми во согласност со можностите на обете страни, а ќе се преговара за соработка околу секоја активност поединечно.
За првпат една национална установа на Република Северна Македонија, во овој случај Националната галерија, потпишува меморандум за културна соработка од овој тип. Како резултат на воспоставената соработка, најавена е самостојна изложба на академскиот професор Жарко Башески, закажана за годинава токму во изложбениот простор на Музејот на современа уметност во Белград.
Возвратно, се најавува и самостојна изложба на ликовниот уметник од Белград Мрѓан Бајиќ, закажана за 2027 година, во Националната галерија на Македонија. Бајиќ е добитник на орденот Витез на уметноста од Министерството за култура и комуникации на Република Франција во 2015 г., а од 2021 година е член на Српската академија на науките и уметностите.
Националната галеријата на Република Северна Македонија ќе склучи ист ваков Меморандум за културна соработка со Музејот на современа уметност и применети уметности од Загреб, Република Хрватска. Директорот на Музејот, Сањин Михелиќ, треба да допатува во Скопје на крајот од јануари, кога и официјално ќе се потпише Меморандумот. Воедно, се очекува реализација на Меморандум за соработка со Република Косово и со Република Албанија, со нивните сродни национални институции.


