На војната во Украина ѝ се ближи крајот, вели Путин
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека смета оти војната на Русија со Украина се ближи кон крајот, во своето обраќање пред новинарите по скратената воена парада во Москва по повод советската победа во Втората светска војна, објави „Би-би-си“.
Препорачано
– Мислам дека работата се ближи кон крајот – рече тој, осврнувајќи се на „специјалната воена операција“ во Украина, истовремено осудувајќи ја западната поддршка за владата во Киев.
На годишната парада во Русија изостана вообичаениот приказ на тенкови и проектили, поради безбедносни грижи бидејќи властите стравуваа дека Украина би можела да го нападне Црвениот плоштад со дронови.
Договорот за прекин на огнот во последен момент помеѓу Москва и Киев, со посредништво на американскиот претседател Доналд Трамп, ја намали опасноста од каков било напад и парадата помина без инциденти.
Коментарите на Путин уследија само неколку часа откако тој го искористи својот говор по повод Денот на победата за да ја оправда војната.
Во тој говор тој рече дека Русија води „праведна“ војна и ја нарече Украина „агресивна сила“ која е „вооружувана и поддржувана од целиот блок на НАТО“.
Подоцна, на новинарско прашање на прес-конференцијата во врска со западната помош за Украина, Путин изјави:
– Тие (Западот) ветија помош, а потоа почнаа да поттикнуваат конфронтација со Русија која продолжува до ден-денеска. Мислам дека работата се ближи кон крајот, но тоа е сериозна работа.
Руските сили го зазедоа Крим и делови од источна Украина во 2014 година, а потоа започнаа целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Путин рече дека би се сретнал со украинскиот претседател Володимир Зеленски дури откако ќе биде договорен траен мировен договор.
– Средба во трета земја, исто така, е можна, но само откако ќе бидат постигнати конечни договори за мировен договор за долгорочна историска перспектива, за да се земе учество во овој настан и да се потпише договорот, но тоа мора да биде финален чекор – продолжи тој.
Лавров се закани дека Русија ќе одговори безмилосно ако некој ја попречи парадата
Путин изјави дека слушнал оти Зеленски е подготвен да одржи лична средба, но додаде дека „ова не е првпат да слушаме вакви изјави“.
Путин рече дека би бил подготвен да преговара за нови безбедносни аранжмани за Европа и дека негов претпочитан партнер за преговори би бил поранешниот германски канцелар Герхард Шредер.
Поранешниот канцелар е долгогодишен пријател на Путин и е контроверзен поради неговата работа за руски државни енергетски компании.
Минатата недела претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, изјави дека верува оти постои „потенцијал“ ЕУ да преговара со Русија и дека Зеленски фаворизира таков потег. Цитиран од „Фајненшел тајмс“, Коста рече дека се консултира со лидерите на ЕУ за тоа „што ефективно треба да разговараме со Русија кога ќе дојде вистинскиот момент за тоа“.
Како дел од договорот за прекин на огнот предводен од САД во текот на викендот, Киев и Москва се договорија за размена на 1.000 затвореници од секоја земја. Но, Путин вчера изјави дека Русија сè уште нема слушнато ништо од Украина во врска со какви било размени.
За првпат по речиси две децении, на парадата на Црвениот плоштад немаше тешка воена опрема, која Кремљ вообичаено ја прикажува за да ја проектира руската воена моќ на меѓународната сцена.
Имаше и значително помалку новинари на настанот, при што на многу меѓународни медиумски организации не им беше дозволен пристап.


