Сообраќај, автомобили / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

„На точак“: Градоначалниците да се засрамат што ги стимулираат тинејџерите побрзо да добијат возачка дозвола

Според велосипедистите на Скопје очајно му требаат храбри политичари кои ќе го намалат бројот на автомобили по улиците, ќе го развијат јавниот превоз и ќе ја доразвијат велосипедската мрежа.

Во време кога е повеќе од евидентно дека треба да се намали употребата на автомобили, пред сѐ од урбанистички и сообраќаен аспект, но и од еколошки и безбедносен, општинските татковци почнаа да ги стимулираат младите повеќе да возат коли, па така, она што го започна Општина Карпош и беше критикувано како изолиран случај на регресивно однесување, сега го копираат и општините Центар и Ѓорче.

Ова е рекацијата на групата „На точак“ откако годинава овие две општини започнаа со доделување субвенции за полагање возачки испит од Б категорија.

По неколку страшни сообраќајни судири во кои виновниците се млади возачи на автомобили наместо градоначалниците да имаат зголемени активности и инвестиции во овозможување безбедна и незагадувачка урбана мобилност за младите (подобри услови за пешчење, движење во инвалидска или бебешка количка, возење велосипед, тротинет, ролшули, итн.) тие решаваат да ги стимулираат тинејџерите побрзо да добијат возачка дозвола за управување со автомобил. Овие градоначалници треба да се засрамат што свесно се одлучуваат за мерка што не беше прифатлива ни во минатиот век, а камо ли денес кога сме преплавени од автомобили, небезбедност, хаос, ужасен град за еден млад човек, и она што ни треба сигурно не е уште поголемо поттикнување на таа автоцентрична култура – велат од „На точак“.

Според нив, оваа субвенција дадена на штотуку полнолетни лица во изборна година може да се смета за лесно и директно влијание на новите гласачи. Тие потенцираат дека она за што градов е очаен не се популистички мерки.

Она што на Скопје очајно му треба се храбри политичари кои ќе го намалат бројот на автомобили на улиците, ќе ги ослободат тротоарите, ќе го развијат јавниот превоз да биде беспрекорен (чист, достоинствен, редовен, побрз од автомобилите), ќе ја доразвијат велосипедската мрежа, ќе го смират сообраќајот и ќе направат животот на младите (и сите!) да може да функционира совршено дури и без автомобил или со минимална употреба на автомобил. Но за тоа треба визија, храброст, знаење, многу работа, меѓуинституционална соработка, многу конфликти со востановени практики, промена на културата – истакнуваат велосипедистите.

И субвенциите за точаци, како што велат, не се за замена за инфраструктурни мерки, затоа и ги критикувале кога ги распишувале без подобрување на инфраструктурата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот