Фото: Приватна архива

Интервју со Мила Србиноска, светска шампионка во хип-хоп: Пропуштив многу родендени и детски игри, но љубовта кон танцот секојдневно ме води

На само 3 години стана државен првак во хип-хоп, на 6 години европска шампионка и трета во свет, а денес 14-годишната Мила Србиноска во својата колекција со повеќе од 70 медали за освоени први места ја има и онаа најпрестижната – светски шампион во категорија јуниори. Минатата година го прослави својот 10-годишен јубилеј откако танцува. Нејзината цел е да продолжи да го освојува светот, да биде добар пример за помладите од неа, а во иднина да им го пренесе своето знаење и да им ја открие тајната на успехот. Мила вели, ова е само почеток, подготвена е за уште многу нови предизвици, моменти и магични сцени. Патот до успехот со кој денес се гордее не бил лесен, пропуштила многу родендени и детски игри, но тоа воопшто не ѝ пречи, напротив, љубовта кон хип-хопот е нејзината водилка кон успехот.

Твојот татко Мартин Србиноски своевремено беше еден од најпознатите македонски водители и музичари, додека, пак, твојата мајка е правник. Дали паметиш како кај тебе се роди љубовта токму кон овој вид танц?

– Кога имав само две и пол години, мајка ми ме однесе кај Трајче и Андријана во студиото „Брејк а лег“, затоа што многу сакав да играм. Тогаш Трајче ни кажа дека сè уште е рано, бидејќи сум многу мала да почнам со танцување и ми рече повторно да дојдам на 3 години. По една година, мајка ми повторно однесе и оттогаш почнува мојата приказна со хип-хопот.

Фото: Приватна архива

Дали се сеќаваш на твоите први почетоци, со оглед на тоа дека на само три години стана државен првак во хип-хоп?

– Се сеќавам на секој тренинг, на секој мој настап, на секое мое натпреварување до ден-денес. Три години подоцна, ги освоив златните медали и титулите европски шампион и трето место во светот.

Како изгледаше твоето секојдневие, со оглед на тоа дека овој успех бара многу труд и откажување?

– Секојдневни тренинзи хип-хоп, саботите и неделите ми беа резервирани за тренинзи по гимнастика и за кондициски тренинзи, пропуштени многу родендени на моите другарчиња (нека ми извинат), пропуштени многу детски игри. Љубовта кон танцот, поточно кон хип-хопот, ме водеше и ме води секој ден.

Фот: Приватна архива

Денес имаш 14 години и повеќе од 70 медали за освоени први места, а одамна ја исполни и твојата најголема желба, да бидеш светски шампион во категоријата на јуниори. Дали очекуваше ваков успех?

– До ден-денес имам вкупно 122 дипломи од освоени места, повеќе од 70 први места. И да, минатата година конечно си го исполнив сонот, станав светски шампион во мојата категорија хип-хоп соло јуниори, прва на светското првенство што се одржа во Скопје, минатата година. Подготовките траеја сите овие години, минатата година немав летен распуст, тренирав секојдневно. Трема речиси и немам кога настапував бидејќи не ми беше првпат да учествувам на светско првенство. Во мојата категорија имаше вкупно 176 или 178 натпреварувачки, можам да кажам дека додека траеја круговите на елиминација, бев фокусирана да дадам сè од себе и да се покажам во најдобро светло.

Фото: Приватна архива

Што размислуваш во моментите пред натпреварите, имаш ли посебен ритуал, што те мотивира да останеш фокусирана и самоуверена покрај сите тие талентирани деца што ти се конкуренција?

– Секогаш се стремам да бидам најдобра. Талентот, упорноста, истрајноста и поддршката од моето студио се клучни. И секако, на прво место е моето семејство, кое ме поддржува максимално.

Со оглед на успехот и времето потребно за тренинзи, дали имаше поинакво детство од своите врсници или успеваше сè да постигнеш?

– Ученичка сум во деветто одделение во ОУ „11 Октомври“, покрај моите училишни обврски исто така и сум ученичка во шесто одделение и во нижото балетско училиште „Илија Николовски Луј“ каде што изучувам модерен и класичен балет. Од три години одев на гимнастика. Да, секако моето детство се разликува од она на моите врсници, но не се жалам, не ми е жал воопшто. Љубовта кон хип-хопот е посилна од сè.

Фото: Приватна архива

Како изгледа едно твое секојдневие, покрај тренинзите, дали наставниците ти „прогледуваат низ прсти“?

– Училиште, тренинг хип-хоп, англиски, германски јазик, часови по математика, гимнастика, модерен и класичен балет. Исполнет секој ден со обврски. Дел сум и од драмската секција во моето училиште.

Кои се твоите идни цели за постигнување?

– Многу натпревари, европско првенство, светско првенство. Се надевам дека во блиска иднина ќе го повторам мојот успех.

Фото: Приватна архива

Кое е твоето мото и порака до сите твои врсници и љубители на хип-хопот што сакаат да тргнат по твоите стапки?

– Моето мото е да бидат упорни и истрајни и да си ги следат своите соништа. Упорноста секогаш дава резултати.

Фото:Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот