На Малдивите попусти до 70 отсто — зошто луксузните хотели ова лето се значително поевтини?
Хотелите на Малдивите ова лето нудат попусти и до 70 отсто, а покрај сезонските движења и монсунската дождовна сезона, сè поважен фактор станува и геополитичката состојба, особено кризата на Блискиот Исток.
Препорачано
Мај и јуни на Малдивите традиционално го носат југозападниот монсун, што значи краткотрајни и повремени дождови, како и нешто помала побарувачка во споредба со зимскиот врв на сезоната. Сепак, туристичките експерти оваа година истакнуваат дека на падот на резервациите дополнително влијаат и пошироките глобални ризици, пишува „ТУ Магазин“.
Особено се посочуваат нестабилностите на Блискиот Исток, кои индиректно влијаат врз авионските линии, цените на горивото и вкупната перцепција за безбедност при патувања на долги релации.
Токму комбинацијата од сезонско затишје и геополитички тензии доведе до тоа луксузните ресорти да понудат поагресивни попусти со цел да ја задржат исполнетоста на капацитетите. Поради тоа, ова лето на пазарот може да се најдат значително поповолни аранжмани отколку во класичната висока сезона, заедно со дополнителни погодности како бесплатни ноќевања или вклучени трансфери.
Туристичката сезона на Малдивите во 2026 година покажува измешани трендови. Почетокот на годината беше обележан со силен раст и рекорден број туристички пристигнувања, додека во текот на пролетта и со влегувањето во летниот период е забележан пад на побарувачката, што е карактеристично за монсунската, односно „ниска сезона“.
На забавувањето влијаеја сезонските климатски услови, но и намалената побарувачка од европските пазари, како и дополнителното влијание на глобалните економски и геополитички фактори.
Иако станува збор за период со помала побарувачка, Малдивите и понатаму нудат стабилно топли температури и атрактивен тропски амбиент, што на многу патници им отвора можност за луксузен одмор по значително пониска цена од вообичаено.


