На инвеститорите им се обезбедуваат светски инфраструктурни стандарди во ТИРЗ

фото: МИА

Планираме да обезбедиме светски инфраструктурни стандарди во индустриските зони за инвеститорите кои решиле да инвестираат во нашата земја, рече премиерот Зоран Заев при денешниот увид на работите на клучката и на инфраструктурните зафати во Технолошко-развојната индустриска зона во Прилеп.

Премиерот Заев појасни дека изградбата на клучката што го регулира сообраќајот до зоната и на регионалниот пат Прилеп-Битола е во завршна фаза, како и внатрешната инфраструктура во зоната, што е вкупна инвестиција од 350 милиона денари. Од нив, 240 милиона денари е за клучката, по 50-ина милиона е водоводот и улицата во зоната што ги поврзува фабриките и слободните парцели за идните инвеститори.

– Изградбата на клучката на две нивоа за поврзување на ТИРЗ Прилеп со патната делница Прилеп-Битола е во финална фаза и очекуваме до крајот на првото полугодие од наредната година да биде целосно готово. Клучката е од големо значење за пристапот до Зоната, како и за ефикасен превоз на производите од фабриките. Зоната станува целосно функционална со пуштањето во употреба на водоводот и изградбата на клучката, рече премиерот Заев, и додаде дека целта е да обезбедат светски инфраструктурни стандарди во индустриските зони за инвеститорите кои решиле да инвестираат во нашата земја.

Тој информира дека во тек е изградбата на улицата меѓу двата инвеститори во прилепската зона, која ќе ги поврзе и другите слободни парцели за идните инвеститори.

– Ова сообраќајно решение е од особено значење и за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Наредната година ќе започнат работите на секундарната гасоводна инфраструктура со што ќе се донесе и гасот во ТИРЗ Прилеп со што ќе се зголеми атрактивноста на оваа зона за нови индустрии, изјави Заев.

Премиерот Заев рече дека во тек се преговорите со голем број компании, заинтересирани за инвестирање кај нас.

– Проценетата вредност на сите компании со кои преговараме со голема извесност за одлуки за инвестиции, се поголеми од 2 милијарди евра. Инфраструктурните решенија се поволни и за локалните компании за соработка со инвеститорите. Со тоа се зголемуваат вработувањата, се стимулира локалниот економски развој, изјави Заев.

Како што објаснува Александар Младеноски, директор на ТИРЗ, при крај се работите на инфраструктурата и целосното функционирање на зоните во целава држава.

– Изградбата на клучката кај Технолошко-развојната инмдустриска зона кај Прилеп е во завршна фаза. Ова е инвестиција од 240 милиона денари. При крај се и работите со потисниот водовод и водоводот за целата Зона, во вредност од 50 милиона денари. При крај на изградбата е и внатрешната инфраструклтура во Зоната, улицата, што е исто така, инвестиција од 50 милиони денари. Вкупно, во Зоната имаме инвестиции од 350 милиони денари. Сега е крајот на градежната сезона и се надевам дека во почетокот на идната година сето ќе финишира, рече Младеноски.

Младеновски информира дека во Струга заврши изградбата на водоводот и канализациската мрежа, и при крај се изведбите на клучката и на внатрешната инфраструктура. Појасни дека привршуваат работите и во Кичево. Во Струмица во тек е изградбата на терминалот, во Штипнаскоро ќе почне да се гради терминалот, а почнува со изведбата и на „Скопје 2″.

Според Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, уредувањето на инфраструктурата во земјава е приоритет на Владата.

– Се гради оваа клучка, се гради регионалниот пат Битола, преку Тополчани до Прилеп, што треба да заврши на почетокот на идната година. Завршен е патот што води до прилепското вештачко езеро, а во завршна фаза е изградбата на ИКТ-Центарот во вредност од над 11 милиона евра. Што се однесува за постоечкиот пат, делот на Фариш до Дреново, поставена е сигнализација и доколку временските прилики доволат, веднаш да се почне со работа. За продолжението на патот од Фариш до Прилеп од 23 километри се очекува распишување на тендерот на крајот од јануари и почетокот на февруари за наредната година да биде завршен, изјави Сугарески.

За изградбата на експресниот пат Градско-Прилеп работите целосно се очекува да завршат за година и пол.

– За експресниот пат до Прилеп, се прават завршни подготовки за објавување тендер за останатите 65 отсто од Фариш до Дреново и се очекува идната година тоа да биде направено за од март и април да продолжи со изградба. Паралелно се работи на делницата од Градско до Дреново, и се очекува комплетно експресниот пат Градско-Прилеп комплетно да биде направен за околу година и пол, рече Сугарески.

Додаде дека паралелно се работи и на проектна документација за патот Прилеп- Битола. Изградбата на патот за Мариово, од селото Штавица до Витиолиште веќе е во програмата на „Македонија пат” за наредната година. Во програмата е и патот од Кадино село, преку Галичани до Кривогаштани. Има бројни проекти за патишта во овој регион, вклучувајќи го патот од Кривогаштани до крушево кои до јуни наредната година ќе бидат завршени.

За Сугарески градежништвото е еден од столбовите за македонската економија.

– Министерството за транспорт и врски до овој момент има реализација од 71 процент на капиоталните инвестици, а гасификацијата со октомври е со реализација од 78 проценти. Во моментов се работи на 28 проекти, 7 проекти се во постапка на тендерирање, а уште 20 тендери се очекува да бидат објавени во почетокот на наредната година, смета министерот за транспор ти врски Горан Сугарески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот