На дипломираните семејнолози со закон им е „забрането“ да се вработат!

Филолошки факултет „Блаже Конески“, УКИМ / Фото: МИА

На првите академски часови ни беше кажано дека по дипломирањето ќе можеме да работиме во делот на семејна педагогија – образование на возрасни, развојна педагодија и социјална работа, за сега да ни кажат дека ние воопшто не постоиме во системот, објаснува Марија Јосифовска, дипломиран семејнолог.

Дипломираните студенти од Катедрата за семејни студии на Филозофскиот факултет во Скопје веќе неколку години се соочуваат со затворени врати при обидот да дојдат до работа. Имено, иако насоката „Семејни студии“ е акредитирана уште во 2014 година и потврдена во 2018 година, според членот 194 од Законот за социјална заштита на дипломците не им се овозможува да се вработат според струката.

Проблемот го посочи Марија Јосифовска која дипломирала во 2019 година, но не успева да се вработи затоа што во државните институции и велат дека професијата семејнолог не постои во системот.

– Неопходна е итна промена на членовите 194 и 197 од Законот за социјална заштита, бидејќи сега сме обесправени и не можеме да работиме, иако имаме завршено факултет. Испративме допис до Министерството за труд и социјална политика од каде што ни одговорија дека лицата со стекнато звање „дипломиран едукатор по семејни студии“ (семејнолог) не може да се јават на конкурси за вршење стручни работи во установите за социјална работа. Од друга страна, на првите академски часови ни беше кажано дека по дипломирањето ќе можеме да работиме во делот на семејна педагогија – образование на возрасни, развојна педагодија и социјална работа, за сега да ни кажат дека ние воопшто не постоиме во системот – објаснува Јосифовска.

Дипломираните студенти по семејни студии се обратиле и до Министерството за информатичко општество и администрација од каде што добиле одговор дека внес на нови работни места во регистарот на ресорното министерство е можен само ако Министерството за труд и социјална политика достави барање за внес на нови работни места во Каталогот на работните места во јавниот сектор.

Од МТСП пак добиле одговор дека за да можат да работат по струка потребно е да се направат измени на членот 197 од Законот за социјална заштита, за да може во јавните установи за социјална заштита да биде опфатено звањето стручњак по родова проблематика, семејнолог.

– Членовите 197 и 194 од Законот за социјална заштита може да се смената само во Собрание. За тоа ни се потребни 10.000 потписи, па покренавме иницијатива за да ги собереме. Веќе испративме и писмо до Собранието со барање да се вметне во членот стручен профил семејнолог за вршење на јавни услуги. Во моментов ситуацијата е таква што директно се прекршуваат правата на дипломираните студенти (семејнолози) на Институтот за семејни студии на  Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да се вработуваат како стручни соработници во установите за социјална заштита –  додава Марија.

Филозофскиот факултетот побарал одобрение од Министерството за образование и наука за прв циклус студии, за што добил и акредитација уште пред седум години. Останува нејасно зошто Собранието и Министерството за труд и социјална политика го негираат постоењето на овој стручен кадар и им оневозможуваат на дипломираните семејнолози да се вработат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот