На Адеми му е расечена раката по инцидентот во Собранието, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ му го тегнеле микрофонот

Фото: принтскрин

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Арбр Адеми од ДУИ попладнево бил расечен на раката при инцидентот во Собранието, кога дојде до турканици со опозициските пратеници, викање и пцуење, а Адеми ги гаѓаше со шолја и тацна за кафе.

Скандалот се случи на комисиската расправа за законските измени со кои на судиите кои наскоро треба да се пензионираат, треба да им се продолжи работниот век, до изборот на нови.

Според СДК.мк, до инцидентот дошло кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, противејќи се на законските измени, го заобиколиле пултот на Адеми, кој ја водеше седницата. Тоа, пак, се случило откако по два часа задоволување на барањата за процедурални приговори, Адеми реши да го стави дневниот ред на гласање.

Во еден момент, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и Дафина Стојаноска, почнаа да му го корнат микрофонот на Адеми. Во тој напад, со предмет од пултот расечена е неговата рака, пишува СДК.мк.

На видеото што го објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, се гледа како Адеми замавнува и фрла кон опозициските пратеници со шолја за кафе и тацна, кои беа пред него.

Засега нема официјално соопштение за настанот, ниту најави за одговорност за случувањата. Не се знае ниту дали седницата ќе продолжи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот