МЗТ Скопје предупредува за пеколниот ритам: Ова е лошо за здравјето на кошаркатите

Во МЗТ Скопје се револтирани од односот на Федерацијата/ Скопје, Македонија/ фото: КФСМ

Кошаркарската сезона во Македонија се ближи кон крајот, веќе од утре започнуваат полуфиналните плеј-оф пресметки помеѓу Работнички-Еуро Никел и Пелистер- МЗТ Скопје, а последниот тим бара промени.
„Металците“ кои пред десетина дена триумфираа во Купот, а во четвртфиналето одиграа три исцрпувачки натпревари против Куманово, бараат да се промени распоредот на натпревари, односно да не се игра на секои два дена. МЗТ Скопје во последните осум дена одигра дури шест натпревари, а ефектот од тоа се повредите на Иван Карачиќ, Дамјан Стојановски и Бојан Крстевски.
„Металците бараат“ наместо три натпревари во една недела, да се играат по два (среда-сабота) за да се зачува здравјето на кошаркарите.

Соопштението на МЗТ Скопје ви го пренесуваме во целост:

Настапот во Купот на Македонија на секојдневно ниво и потоа играње три меча од четвртфиналето во пет дена без позначаен одмор, односно вкупно шест натпревари во осум дена дефинитивно може да се протолкува како – нехуман третман по здравјето на кошаркарите и пеколен ритам каков што нема ниту во НБА.

Ова не е проблем само на нашиот клуб, туку и на останатите елитни тимови кои ќе ја продолжат битката за титулата, а чии играчи исто така се подложни на пеколен период, кој сигурно може да им ја загрози дури и нивната кариера. Данокот на наметнатиот нехуман ритам полека почнува да се плаќа, па на нашиот последен меч против Куманово дури тројца кошаркари (по)сериозно се повредија. На Бојан Крстевски му настрада коленото, на Дамјан Стојановски мускулот на ногата, а на Иван Карачиќ задната ложа. Повредите на тројцата не се идентични, ама имаат заеднички содржател – преголемиот замор, оценет од лекарските стручњаци кои ги прегледуваа, а на кои не им се веруваше низ какви напори биле приморани да минат во изминативе денови.

МЗТ Скопје Аеродром го надмина проблемот со пеколниот ритам во Купот, каде што имавме само 18 часа за рекуперација меѓу првите две рунди, со освојување на трофејот. Секако дека ќе сториме сѐ што е во наша моќ, па дури и натчовечки напори, за да го повториме успехот во првенството. Но, истовремено бараме КФМ барем малку да ги заштити играчите, првенствено од човечки принципи, но и од интерес за македонската кошарка, бидејќи речиси сите останати домашни играчи се актуелни или потенцијални репрезентативци. Секоја нивна, евентуална односно „не дај боже“ повреда, ќе биде проблематична за настапот на Македонија во претквалификациите за СП 2023, кои се играат веќе во август. Војдан Стојановски сигурно ќе го немаме, а зарем треба да останеме без уште некој носител, само поради желбата да се заврши некој ден порано, а што носи опасно доигрување на плејофот преку средби во секој втор ден.

Затоа, најкорисно за кошаркари, клубовите, но пред сѐ националниот тим, е КФМ да направи измени на календарот за доигрување на плејофот и да го врати претходниот систем на играње два меча неделно (среда-сабота). Со тоа би се намалил нехуманиот ритам за играчите, што секако ќе го намали ризикот од повреди, а дефинитивно ќе го крене квалитетот на натпреварите.

Во спротивно, вестите за здравствени проблеми какви што во моментов имаат двајца македонски репрезентативци (Крстевски и Д. Стојановски) ќе бидат многу почести и ќе донесат поголеми главоболки за новиот селектор Драган Бајиќ“, стои во соопштението на МЗТ Скопје Аеродром.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот