МЗТ Скопје доминираше и победи во градското дерби со Работнички
Во градското дерби, 169 по ред, денеска кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром во СРЦ „Кале“ беше убедлив против својот вечен ривал против Работнички (90:72) во рамките од 10. коло во „МТЕЛ“ Супер македонската лига. Така, МЗТ стигна до 77 победа во меѓусебните дуели.
Препорачано
МЗТ Скопје Аеродром доминираше во првото полувреме, особено тоа се однесува за вториот период. Иако погодија доста тројки во првата четвртина (вкупно шест), гостите од Аеродром продолжија да погодуваат и во онаа наредната.
Онаа во која во шутерски ритам влегоа Војдан Стојановски и МекКејден. Кои многу брзо ја сменија сликата на теренот, и што е поважно, изгледот на резултатот. МЗТ Скопје обезбеди предност и од 15 поени (45:30), запишана по 15 минути од играта во вечното дерби број 169.
Ако Рикиќ беше „рентабилен“ во првата четвртина, макар и од линијата за слободни фрлања, во продолжението од мечот во добро пополнетиот СРЦ „Кале“, во една таква улога, макар и релативно, во домашниот состав беа само уште Ефремовски и Алстон, кои до крајот на првото полувреме реализираа по 10.поени.
Но фаворитот во дербито, иако таков епитет кога играат овие две екипи доста често и „не важи“, имаше удобни 51:37 по 20 минути од играта. Оние во кои В. Стојановски и МекКејден поентерски исчекорија со по 14 поени. МЗТ имаше високи 9/19 за три поени, иако беа „симнати“ во последните две-три минути од првото полувреме, но многу подобри од оние 1/11 на противникот, што извесно, беше и една од причините за така високото водство.
Во второто полувреме, воведните минути на третата четвртина, кај Работнички расположен беше Наков, со неколку реализации во серија, но МЗТ Скопје ја имаше двоцифрената, би се рекло, и стандардна предност, од 12 до 15 поени, која успешно ја бранеа не само МекКејден и В. Стојановски, тука беа и Магдевски, Крстевски, Петков…
Тоа им донесе на гостите уште подобар резултат, по три одиграни четвртини, водеше МЗТ Скопје со највисока предност (74:56). Не застана тука шампионот, напротив, преку двете тројки на Петков, дојдоа и до плус 20, (80:60).
Во деветтата победа на МЗТ во 10 одиграни мечеви сезонава, МекКејден го заврши дербито со 22 поени (четири скока и две асистенции), Војдан Стојановски имаше 18 поени (четири скока и две асистенции), Петков дојде до 17, а Магдевски до 12 поени (плус шест асистенции и пет скока). Кај Работнички, кој сега е на половичен ефект (5-5), Алстон дојде од 20 поени, Наков имаше 17 (пет скока), Ефремовски заврши со 14 поени и два скока, а дабл-дабл учинок од 10 поени и 14 скока имаше Рикиќ.
„МТЕЛ“ СУПЕР ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ 10. КОЛО
Работнички – МЗТ Скопје Аеродром 72:90
Маџари – Феникс 2010 85:80
Чаир 2030 – Ангели 103:79
Тиквеш Голден Игл – Пелистер 76:99
Гостивар – ТФТ 83:93


