МВР со кривични за насипување шут и земја во Охридско езеро

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.З.(59) од Охрид, Н.И.(51) од Струга, Р.Б.(47) од Охрид како и против правно лице со седиште во Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Иако во одговорот од Министерството за внатрешни работи не е наведено за кое правно лице зе работи, некои медиуми објавија дека се работи за фирмата на охридскиот бизнисмен и советник во Општина Охрид, Нефи Усеини.

Според МВР, првопријавениот, иако знаел дека неговата катастарска парцела во населбата „Далјан“ во близина на Охридското езеро, се уште не е запишана во Агенцијата за катастар на недвижности на негово име, со намера да ја прошири парцелата, ги ангажирал второ и трето пријавените-вработени во правниот субјект од Охрид и, побарал дотур на земја, камен и крупен градежен шут на брегот и во водите на Охридското Езеро. Истите, извршиле дотур на земја и камен со што, ја прошириле парцелата на 900 метри квадратни навлегувајќи и во водите на Охридското езеро.

Во одговорот од Министерството не се спомнува контроверзниот охридски бизнисмен Усеини, чиешто име веќе неколку години се поврзува со нелегална изградба на објекти на брегот на Охридското езеро кое е подрачје под заштита на УНЕСКО. Државниот Инспекторат за животна средина, кој го отвори случајот со уништувањето на езерскиот брег кај Далјан откако за тоа алармираа екологисти од Охрид, пред повеќе од месец дена објави дека поднел кривична пријава за нелегално насипување на земја и шут на брегот на езерото.

Во ноември минатата година, во близина на недовршен објект во Далјан, на потегот од новиот комплекс згради и старскиот дом во изградба кон Извидничкото одморалиште, беше регистрирано како тешка градежна механизација насипува земја и шут во Охридското Езеро, но надлежните не даваа информации чии се камионите и градежните машини. Лани во јули Општина Охрид  со градежна механизација ја уриваше бетонска база на советникот од редовите на ДУИ Нефи Усеини во населбата Далјан.

Државниот инспекторат за животна средина во март објави дека бил пронајден сопственикот на земјиштето  Недозволиво е уништувањето на природното наследство, виновниците мора да сносат одговорност, велат од ДИЖС.

Имајќи го предвид Мислењето на Хидробиолошки завод од Охрид дека насипувањето на земја и шут на брегот има негативно влијание врз езерото, особено врз квалитетот на водата и седиментот, врз живиот свет во езерото, неговиот биодиверзитет, оплитувањето и други негативни последици на овој значаен акватичен екосистем очекуваме Владата да ги задолжи Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид да го отстранат насипот и да го санираат крајбрежјето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот