
МВР избрало командирка во Стар Дојран, дискриминирајќи друга полицајка врз основа на политичка припадност
Командирка на полициска станица за гранични проверки и граничен надзор Стар Дојран била избрана со извршена директна дискриминација врз основа на политичка припадност од страна на МВР кон друга кандидатка, која за разлика од избраната што имала 13 години искуство за кое не се знае дали целосно било во МВР, имала 21 година работно искуство во Министерството. Вакво мислење донесе Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Препорачано
Избраната командирка во 2014 година била кандидатка за пратеничка од СДСМ во изборна единица 4, па затоа полицајката одбиена на огласот, се пожалила до Комисијата за заштита од дискриминација дека политички е дискриминирана бидејќи била избрана командирка што во минатото била кандидатка за пратеничка од истата партија на министерот за внатрешни работи во времето на огласот, Оливер Спасовски. Кога се обратила во одделот за внатрешна контрола на МВР, дека избраната командирка наводно го нема бараното работно искуство во МВР (6 години според огласот), добила одговор дека ѝ го пресметале и искуството надвор од Министерството.
Со оглед на тоа што претходното работно искуство на избраната кандидатка е во казино, подносителката прашува како била прворангирана и како ѝ се пресметало работното искуство надвор од МВР кога таа имала 21 година работен стаж во МВР кој не ѝ бил пресметан, пишува во мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Уште поинтересно било, што кога одбиената кандидатка се пожалила во Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, ѝ одговориле дека „приговорот не е дозволен“. Тоа всушност значело, дека одбиените кандидати во огласот по телеграма во МВР немаат право да се жалат туку мора да го прифатат мислењето на комисијата за тоа кој ќе биде избран – беспоговорно.
За Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ова претставува голем проблем, бидејќи ѝ се дава дискреционо право на Комисијата во МВР да бира кандидати што ќе напредуваат во службата по сопствено убедување, без право на приговор и без контролен механизам.
Дискреционото одлучување само по себе претставува висок ризик за одлуки засновани на дискриминација, непотизам и лични интереси и оттука неопходно е да се ограничи како клучна одлика на доброто владеење, смета Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Комисијата смета дека МВР не докажало кои критериуми превладале за да „победи“ избраната командирка на огласот, а споредено со одбиената полициска службеничка.
-Комисијата го зема предвид фактот дека станува збор за интерен оглас и избор направен во време кога министерот во МВР бил од истата политичка партија на чија листа за парламентарни избори била избраната кандидатка. Подносителката на претставката ја нема таа лична карактеристика, односно политичка определеност поради што ѝ била ставена во понеповолна положба. Таа има 21 година работен стаж во Министерството за внатрешни работи, додека избраната кандидатка имала 13 години вкупен работен стаж. Во пријавата за аплицирање на огласот не е јасно наведено дали овие 13 години стаж се во МВР или на други работни позиции, а во пријавата на одбиената кандидатка јасно се наведени работните позиции кои таа ги имала во 21 година во МВР, пишува во мислењето на Комисијата за спречување дискриминација.
Министерството за внатрешни работи исто така не докажало дека во постапката за избор на командир, постоеле доволно јасни критериуми и процедури со кои ќе се гарантира изборот на најдобриот кандидат за позицијата, што остава простор за дискреција. Етичкиот кодекс за однесувањето на работниците во МВР претполага тие да се однесуваат според принципите на законитост, непристрасност, стручност и професионалност во работењето, како и според принципот на политичка непристрасност и неутралност.
За да ги исполни овие принципи, МВР треба да осигура дека вработените ќе бидат селектирани врз основа на претходно утврдени објективни критериуми, а не врз основа на нивното лично уверување или политичка припадност, се наведува во мислењето на Комисијата.
Препораките за МВР се да го поништи изборот за командир на полициска станица за гранични проверки и граничен надзор Стар Дојран и да го повтори интерниот оглас во рок од 60 дена.
МВР да избере кандидат врз основа на претходно утврдени објективни критериуми за оценување, бодување и изборот на кандидати да биде засновано на нивните способности и карактеристики кои се важни за работната позиција на која аплицираат, пишува во препораките од мислењето.