Музичкото радио Канал 103 порачува: Не ја убивајте 103-ка, повторно!

Култното музичко радио Канал 103 на 1 мај наврши 30 години од своето постоење. Пред две години радиото беше исклучено од ФМ етерот како нелегално, продолжувајќи да функционира онлајн. И покрај ветувањата од надлежните (МРТ и Владата) дека проблемот ќе биде решен, враќањето на 103 фреквенцијата не се случи.

Музичкото радио Канал 103 се појави паралелно со осамостојувањето на нашата држава во вистинскиот политички момент, се роди во конгломератот наречен МРТВ, за „стотројкашите“ вистинското место за испилување, во време кога се разбиваше едноумието и кога се појавуваа никулци на културен плурализам. Од самиот почеток оваа некомерцијална музичка фреквенција, па до денес, самоуверено го обучуваше музичкиот поглед на многу генерации. Агилно и без задршка се грижеше за нивната ментална хигиена, профилирајќи уникатен естетски музички код и препознатлива програма, која ги афирмира прогресивните звуци и идеи во рамките на македонскиот културен простор. 103ка беше и остана катализатор и сервис на естетските и интелектуални потреби, генератор на идеи и збир на културниот потенцијал.

Пред две години радиото беше исклучено од ФМ етерот како нелегално, продолжувајќи да функционира исклучиво онлајн. И покрај сите ветувања од надлежните дека проблемот набргу ќе биде решен, враќањето на 103 фреквенцијата не се случи.

На денот што го означи 30-годишното постоење на Канал 103, тимот одлучи гласно да замолчи. Го исклучија радио-стримингот и емитуваа молк во времетраење од 24 часа во знак на протест против, како што велат, глупоста, културната неписменост, глувоста и игноранцијата на оние што се повикани и одговорни да ги одржуваат и негуваат докажаните културни и медиумски вредности во државата.

Во услови на бесконечна транзиција, брутална корупција, комплетно деградирање на сите општествени вредности и ужасна партизација на медиумите, Канал 103 остана недопрена оаза на независноста, интегритетот и непоткупливоста, како и вистински дом на македонската алтернативна музика и сцена, воопшто. И сето ова е резултат на чистата љубов, искреност и ентузијазам на луѓето што ја креираа програмата, еве веќе три децении, без никаков финансиски надоместок.

Со својот неконвенционален, храбар и бескомпромисен пристап, радиото набргу стекна специфична медиумска позиција, огромна популарност и култно следбеништво, како и сосема заслужен статус на „искра светлина во мрачните лавиринти на МРТ“.

Денес, 103-ка е културно наследство. Трајна вредност. Современа класика.

Интервју со Нина Персон (Кардиганс) и Нејтан Ларсон (Шадер Ту Тинк) во студиото на Канал 103 (Архивска фотографија)

По повод 20 години од постоењето на радиото, новинарката и музиколог, Тина Иванова, денес директорка на Македонската филхармонија, ја напиша книгата „Документ 103“ и за неа ја доби државната награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“, на што е особено горда.

– Стотројка, на некој начин, се роди во мојот дом. Половина од моето семејство беше дел од формирањето на ова посебно медиумско битие и сите случувања врзани за него беа до мене. Стотројка ме порасна, го формираше мојот уметнички карактер, ми даде фокус за културата на живеењето. Би сакала да продолжи да дише со здивот на новата генерација, за да имаат денешните „клинци“ една поинаква визија од онаа што им ја нудат мас-медиумите – вели Иванова.

Интервју со Алан Донохоу од „Д’Рејкс“ со Давид Ангелевски во студиото на Канал 103 (Архивска фотографија)

Музичарот и независен издавач, Давид Ангелевски, кој беше долгогодишен музички соработник на оваа фреквенција, смета дека Стотројка е културен симбол на Скопје, извојувана вредност во етерот, кој виси над градот и го чува.

– Еден вид алтернативна академија за работи што не се учат во училиште или на телевизија и низ која поминале многу млади луѓе, кои денес, за жал, во добар дел се иселени во странство, поради неуспехот на македонскиот експеримент. Но, она што уште повеќе значи и зрачи по 30 години е дека таа е предвесник на политичките промени на национално ниво. Четири месеци е понезависна од независноста на државата и е еден од првите вистински слободни медиуми, глас на современата и прогресивна мисла изразен преку музика и целата култура околу неа. Дотолку повеќе, за неверување е дека денес, државата која себе си се смета за демократска, го остава радиото без решен статус, без ФМ-фреквенција и во технички мизерни услови за работа. Со сите свои слабости, Стотројка мора да добие шанса за опстанок и визија со која би се адаптирала на новата медиумска и културна реалност во 21 век врз постојните премиси на автентична слобода и независност. Со оглед на брзите глобални промени во последните 30 години, таа адаптација беше и сѐ уште е најголемиот предизвик за екипата која работи таму. Но, сигурен сум дека времето кое доаѓа ќе ја покаже нужноста од постоењето на Канал 103 како висок јавен интерес. Ако курсот на оваа држава остане барем минимум демократски, се разбира – потенцира Ангелевски.

Ангела Јовковска и Костадин Шурбановски во студиото на Канал 103 / Фотографија: Зденко Петровски

На него се надоврзува и Ангела Јовковска, музички соработник и автор на една од најстарите емисии на Канал 103, „Модус вивенди“. Според неа, радиото веќе 30 години е витален дел од македонската независна музичка и културна сцена. Платформа преку која може слободно да се комуницира со луѓе што се на иста фреквенција.

– Стотројка е сè уште единствениот некорумпиран, некомпромитиран, слободен медиум. Битен сегмент во креирањето на некои нови концепти, културни идентитети, препознавање како и втемелување одредени вредности, па и начин на размислување и живеење на генерации прогресивни индивидуи. Како долгогодишен и верен поддржувач на македонската независна музичка и културна сцена воопшто, радиото има извршено големо влијание и е од огромно значење за истата. Стотројка потполно го заслужува статусот на култно радио кое е синоним за музичка револуција, урбана култура, слободен, но ангажиран дух и субверзивност. Таа е контрапункт на естаблишментот и мејнстримот. Се надевам дека уште долго време ќе биде константа во океанот на ефемерни вредности. Затоа, ФМ фреквенција веднаш! – инсистира Јовковска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 79, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот