Музички професионалци од цела Европа дојдоа на 10. ПИН Конференција и шоукејс во Скопје

ПИН Конференцијата се одржува од 30 ноември до 2 декември во МКЦ

Јубилејното десетто издание на ПИН-Конференција и шоукејс, како дел од програмата на јубилејното 25. издание на фестивалот „Таксират“, од 30 ноември до 2 декември се одржува во Младинскиот културен центар во Скопје.

Со ПИН-Конференцијата од четврток до сабота „Таксират“ го претвори Скопје во епицентар на европската музичка сцена со повеќе од 400 домашни и странски делегати, музички професионалци, уметници и експерти. Основната мисија на конференцијата е споделување искуства, поврзување на регионот со меѓународната музичка заедница и заедничко поставување на насоките за понатамошен развој на сцената.

На конференцијата во Скопје се присутни претставници на дел од најзначајните фестивали, менаџери, агенции, издавачки куќи, музички медиуми и уметници од цела Европа и сите се собрани во МКЦ.

ПИН е првата, единствена и најголема меѓународна музичка конференција и шоукејс-фестивал во Македонија. Целта на ПИН е да го збогати локалниот музички сектор со претставување на разновидноста на најдобрите практики, ажурирани знаења и луѓе кои ќе бидат дел од овој развој во Македонија и во Балканскиот регион. На ПИН музиката носи единствена културна кохезија.

Програмата на ПИН-Конференцијата се одвива во текот на три дена во два програмски сегменти: во текот на денот се одржуваат панели на кои се дискутира за тековните состојби на музичката сцена и индустрија во глобални рамки, додека во вечерните часови се одржува шоукејс-програмата со концерти на музички групи од цела Европа.

Голем е списокот на артисти што настапуваат на ПИН-Конференцијата

Дизајнирана како професионална музичка платформа на ПИН се поврзуваат музичките пазари во Европа и се создава простор за музичарите и музичките професионалци во регионот да преземат активна улога во нивната кариера и развој на вештини.

Учеството на ПИН на сите им овозможува да го изградат, обликуваат и прошират своето знаење за музичката индустрија. Како конференција со релативно мал капацитет, со неколку стотици присутни на дневните панели и неколку илјади за време на вечерните концерти, ПИН е совршено место за поврзување и за создавање уникатни и трајни врски помеѓу сите присутни, и меѓу панелистите и меѓу изведувачите.

Музичката ПИН-Конференција е организирана со поддршка од Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации „HEMI Music Hub“, проект кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 207, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот