Музички допир меѓу Истокот и Западот ќе се случи во Литературното кафе „Метаноја“
Возбудлив музички настан ќе се одржи во Литературното кафе „Метаноја“ („Максим Горки“ 19, Скопје) на 1 јуни (понеделник), во 19 часот, каде ќе биде промовиран албумот „To kongsdØtre“ на Џулијан Мишиќ (Норвешка / Македонија).
Препорачано
Албумот е објавен од „Аполон рекордс“ (Apollon records) и претставува музички подвиг во кој авторот на музиката и текстот Џулијан Мишиќ (Норвешка / Македонија) прави исклучителен спој меѓу источната (византиската) и скандинавската духовна музика ставајќи ги во главните улоги едни од несомнено највлијателните кралски ќерки од средниот век: Ана Комнена (Византија) и света Сунива (Скандинавија).
Патешествието на создавањето и изведувањето, кое е поетично и богато, ќе биде раскажано (а и отпеано) од самиот автор и неговите македонски пријатели кои се и соработници на ова импресивно музичко-поетско дело: Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ.
Модератор и рецензент на албумот е Коста Милков од Балканскиот институт за вера и култура (БИВК). Овој настан се вклопува во одбележувањето на 15 години од основањето на БИВК.


