Шокантни обвинувања: Виолинист тврди дека Вил Смит сексуално го вознемирувал
Професионалниот виолинист Брајан Кинг Џозеф поднел тужба за сексуално вознемирување, неправедно отпуштање и одмазда против холивудската ѕвезда Вил Смит и неговата компанија „Трејбол студиос менаџмент“, објави „Пипл“.
Препорачано
Тужбата била поднесена на 30 декември во Вишиот суд на Калифорнија, округ Лос Анџелес. Во неа се наведува дека Смит наводно го „подготвувал и манипулирал“ Џозеф со цел понатамошна сексуална експлоатација, откако го поканил да се приклучи на светската турнеја „Бејсд он а тру стори 2025“, во ноември 2024 година.
Според наводите, во март 2025 година, за време на турнејата, Џозеф доживеал серија вознемирувачки настани во Лас Вегас. Тој тврди дека открил оти непознат човек влегол во неговата хотелска соба, без траги од насилно влегување. Во просторијата, наводно, имало рачно напишана порака со заканувачка содржина дека човекот ќе се врати, како и лични предмети што не му припаѓале, меѓу кои и шише со терапија за ХИВ на име на друго лице, болничка документација, обетка и други предмети.
Во тужбата се наведува дека Џозеф стравувал оти непознатиот човек ќе се врати со намера да изврши сексуални чинови врз него. Откако го пријавил случајот кај хотелскиот персонал, локалната полиција и менаџментот на турнејата, тој тврди дека бил посрамен од член на организацискиот тим и го информирале дека неговиот настап е откажан. Набргу потоа, на неговото место бил ангажиран друг виолинист.
Адвокатот на Смит, Ален Б. Гродски, во изјава за магазинот „Пипл“ ги отфрлил сите обвинувања, оценувајќи ги како лажни, неосновани и непромислени, и нагласил дека тие се целосно негирани и дека ќе бидат преземени сите законски чекори за да се утврди вистината.
Џозеф наведува дека инцидентот му предизвикал сериозен емоционален стрес, финансиска штета и нарушување на угледот, вклучително и посттрауматско стресно нарушување и други ментални здравствени последици како резултат на отпуштањето.
Брајан Кинг Џозеф е музичар од Вашингтон кој во 2018 година учествувал во шоуто „Америка има талент“, каде што се пласирал меѓу тројцата финалисти. Во декември 2024 година тој на социјалните мрежи објавил видео од настап на сцена, наведувајќи дека станува збор за неговата прва вечер на турнеја со Смит.
Оваа тужба доаѓа по уште еден правен случај поврзан со семејството Смит. На почетокот на декември, поранешен соработник поднел тужба од три милиони долари против сопругата на актерот, Џејда Пинкет Смит, тврдејќи дека му упатила вербални закани. Извор близок до брачниот пар изјавил дека тие ги сметаат обвинувањата за целосно неосновани.


