Плакат за изложбата „Дисторзии“ во МКЦ

Мултимедијалната студентска изложба со наслов „Дисторзии“ е поставена во галеријата на МКЦ

Студентската тематска изложба „Дисторзии“, која ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје, претставува обид за внимателно и критичко разгледување на системската дисторзија како општествен и институционален феномен што директно влијае врз обликувањето на младинската креативност и начинот на кој младите автори ја перцепираат сопствената позиција во општеството.

Изложбата ќе биде отворена за посетители од 7 до 19 април 2026 година, со официјално отворање на 7 април, во 19:00 часот. Во овој период, публиката ќе има можност да се запознае со различни уметнички пристапи и размислувања што произлегуваат од актуелниот контекст во кој делуваат младите.

Во рамките на изложбата учествуваат студенти од Европски Универзитет, кои преку сликарство, инсталација, мултимедија и интердисциплинарни практики создаваат дела што не се само визуелни изрази, туку и обиди за разбирање и артикулација на состојбите што ја дефинираат нивната генерација. Нивните работи допираат до прашања како искривувањето на вредносните системи, нарушените перспективи, притисокот врз индивидуалниот израз, но и начините на кои младите се адаптираат или пружаат отпор во такви услови.

„Дисторзии“ не се поставува како директно активистички проект, туку како простор за аналитичко размислување, симболичка комуникација и формално експериментирање. Наместо едноставни пораки, изложбата нуди слоевити визуелни наративи, оставајќи простор публиката самостојно да ги интерпретира и преиспитува.

Проектот е организиран од Ана-Марија Матх, во соработка со визуелната уметница Ана Трајковска, која учествува како селектор на авторите. Изборот на учесниците се базира на концептуална релевантност, визуелна издржаност, оригиналност и разновидност на медиумите, со цел да се изгради кохерентна и професионално поставена изложбена целина.

Со „Дисторзии“ се отвора простор за дијалог – не само за уметноста, туку и за пошироките општествени процеси што ја обликуваат. Во тој контекст, изложбата претставува и покана за размислување: како живееме, како создаваме и како се позиционираме во системи што често нè менуваат повеќе отколку што сме свесни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот