Муцунски: Нападот врз бугарската амбасада е изолиран инцидент, институциите реагираа брзо
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски го осуди нападот на амбасадата на Бугарија во земјава и вели дека се работи за изолиран случај и институциите реагирале брзо и ефикасно.
Препорачано
– Секој чин во таква форма ние како институција ќе го осудиме. Според првичните информации се работи за изолиран инцидент, создадена е некоја материјална штета која не е голема. Но, независно од тоа, го осудуваме максимално инцидентот. Министерството за внатрешни работи дава голем фокус на процесот за истрагата. За подетални одговори во врска со истрагата би ве упатил да побарате одговор таму. Институционално има брз и ефикасен одговор – изјави Муцунски по средбата со раководството на „Македонија 2025“.
Непознат човек во неделата ја искршил влезната врата на Амбасадата на Бугарија во центарот на Скопје. Инцидентот е потврден со фотографии и видео, објавени од бугарското Министерство за надворешни работи, кое реагираше остро, оценувајќи го настанот како напад врз дипломатската мисија на државата. На видеото, напаѓачот се приближува до амбасадата и со силен удар замавнува кон вратата, по што заминува.
ВИДЕО: Камерите го фатија напаѓачот што ја скрши вратата на бугарската амбасада
„Неказнетиот говор на омраза има последици! Неказнетите напади врз бугарските здруженија имаат последици! Денеска беше извршен напад врз Амбасадата на Бугарија во Скопје. Недостатокот на санкции продолжува да ги охрабрува сторителите. Поттикнуваната омраза и постојаните лаги и натаму ги охрабруваат извршителите. Надлежните институции на земјата домаќин се известени,“ се вели во објавата на бугарската амбасада.


