Фото: МНР на Бугарија

ФОТО | Некој ја искршил влезната врата на бугарската амбасада во Скопје: Софија тврди дека овој чин е напад врз дипломатската мисија на државата

Непознат човек во неделата ја искршил влезната врата на Амбасадата на Бугарија во центарот на Скопје. Инцидентот е потврден со фотографии, објавени од бугарското Министерство за надворешни работи, кое реагираше остро, оценувајќи го настанот како напад врз дипломатската мисија на државата.

Во соопштението на Софија се вели:

„Министерството за надворешни работи на Република Бугарија остро го осудува овој чин врз зградата на бугарската надворешна мисија во Македонија – симбол на државноста и официјалното присуство на Република Бугарија во Република Северна Македонија. Ова е неприфатлив напад врз статусот на дипломатската мисија и грубо кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Министерството за надворешни работи изразува длабока загриженост што ваковиот чин е резултат на систематскиот недостаток на реакција од страна на надлежните институции на Република Северна Македонија на претходните напади и акти на вандализам врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница.

Оваа институционална пасивност, во комбинација со толерираниот, па дури и поттикнат говор на омраза против Бугарија и Бугарите кај нашиот сосед, создаде средина во која ваквите кривични дела се охрабруваат и ескалираат“.

Фото: МНР на Бугарија

Понатаму се додава дека Софија очекува надлежните македонски власти да го идентификуваат сторителот и да го изведата пред лицето на правдата, како и да ја гарантираат безбедноста на бугарските дипломатски и конзуларни претставништва, нивниот персонал и нивниот имот.

„Република Бугарија очекува институциите во Република Северна Македонија јасно и недвосмислено да се дистанцираат од говорот на омраза, ефектно да се спротивстават на ваквите злосторства, целно да работат на создавање фундаментално поинаков јавен наратив за односите со Бугарија и безусловно да ги исполнат своите меѓународни обврски. Министерството за надворешни работи ќе продолжи внимателно да го следи развојот на случајот и го задржува правото да преземе дополнителни мерки за заштита на бугарските интереси“.

Од македонското МНР нема реакција на овој инцидент ниту, пак, соопштение од полицијата што се случило.

Фото: МНР на Бугарија

Министерството за внатрешни работи на Македонија го потврди нападот.

„Денеска, на 11 јануари 2025 година, во 15:55 часот, во СВР Скопје, од страна на Одделот за обезбедување на определени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи, било пријавено оштетување на стаклото на влезната врата од Амбасадата на Република Бугарија. Офицерот за безбедност на Амбасадата, преку системот за видео надзор, забележал оштетување на стаклото од влезната врата на објектот. Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото од влезната врата. На местото на настанот биле преземени соодветни полициски мерки, а надлежните служби работат на расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот,“ соопшти полицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот