Муцунски и Агелер се збогуваа
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски денеска се сретна со американската амбасадорка, Анџела Агелер, која заминува од земјата.
Препорачано
– Изразив благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат. На средбата изразивме заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес. Воедно, разменивме мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што ја потврдивме заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО – напиша Муцунски на Фејсбук.
Амбасадорката Агелер заминува од Македонија – Трамп менува 30 амбасадори
Во декември минатата година, беше објавено дека речиси 30 дипломати од кариера добиле известување дека нивната мисија завршува, а меѓу нив беше и амбасадорката на САД во Македонија.
Потегот на американскиот претседател, Доналд Трамп, се толкува како дел од пошироката стратегија за целосно усогласување на дипломатијата со доктрината „Америка на прво место“.

Според информации објавени во повеќе светски медиуми, кои се повикуваат на извори од Стејт департментот, шефовите на американските дипломатски мисии во најмалку 29 земји биле официјално информирани дека нивните мандати истекуваат во јануари.
Станува збор за амбасадори кои биле назначени за време на администрацијата на Џо Бајден, но кои, и покрај првичните кадровски промени, останале на функциите и по почетокот на вториот мандат на Трамп.
Во Европа, на списокот се најдоа Ерменија, Македонија, Црна Гора и Словачка. Од Блискиот Исток се опфатени Алжир и Египет, додека од Јужна Азија – Непал и Шри Ланка. Во западната хемисфера, промените ги засегаат Гватемала и Суринам.
Најмногу отповикувања има во Африка – вкупно 13 земји: Бурунди, Камерун, Кабо Верде, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маурициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда.


