Мрежа на балкански критички медиуми ќе биде продадена на фонд поврзан со Орбан за 30 милиони евра
Сопствениците на „Еуроњуз“ ги купуваат медиумите „Н1“,„Нова.рс“ во Србија и уште десетина регионални медиуми за 30 милиони евра, објави „Раскринкавање“ и Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP).
Препорачано
Според нив, компанијата „Јунајтед Груп“ во чија сопственост се медиумите „Н1“, „Нова.рс“ и други, планира да му го продаде својот медиумски бизнис на луксембуршкиот фонд „European Future Media Investments“, зад кој пак стои португалската инвестициска група „Алпак Капитал“. Според финалната верзија на договорот, кој уште не е потпишан, а во кој имале увид „Раскринкавање“, фондот за неколку телевизии и медиуми во регионот ќе плати 30 милиони евра.
Две луксембуршки компании договориле продажба на компанијата „Адриа Њуз“ која е сопственик на регионална мрежа на медиуми – меѓу кои „Н1“ и „Нова“, но и низа поврзани фирми во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија и Црна Гора.
Иако како официјален купувач се води фондот „European Future Media Investments S.C.S.“ (EFMI) од Луксембург, деталите од договорот, како адресата за известување и клучните актери, јасно водат до португалската инвестициска фирма „Алпак Капитал“. Како лице за контакт на купувачот, во договорот се наведени Педро Варгас Давид и Алфонсо Гуера.
Педро Варгас Давид во јавноста е познат како директор на компанијата „Алпак Капитал“ која во 2022 година го купи мнозинскиот удел на „Еуроњуз“, паневропски информативен канал кој емитува програма на повеќе од 12 јазици. Неговото име во странските медиуми често се доведува во врска со Виктор Орбан.
Истражувањето на унгарскиот портал „Директ36“ во соработка со француски „Ле Монд“ и португалски „Експрес“, покажа дека купувањето на Еуроњуз делумно е финансирано од унгарски државен капитал, но и компании блиски на пропагандната машинерија на Виктор Орбан“. Според документите до кои дојдоа овие медиуми, 45 милиони евра обезбеди унгарскиот државен инвестициски фонд Széchenyi Funds, додека останатото финансирање дошло преку компанијата New Land Media во сопственост на Ѓула Балаши – бизнисмен чија фирма со години добива великодушни државни тендери во Унгарија, пишува „Раскринкавање“.
Во интерните документи што протекоа во јавноста се наведува дека една од целите на оваа инвестиција било „ублажување на левичарската пристрасност“ во медиумите. Унгарската полиција неодамна отвори истрага против повеќе компании поврзани со Орбан, само неколку денови по неговото заминување од фотелјата. Меѓу фирмите кои се под лупа се наоѓа и бизнис империјата на Џуле Балашија, кој соработувал со инвестицискиот фонд „Алпак“ при преземањето на „Еуроњуз“.
„Обемна реорганизација“ во медиумите, па ќе се финализира договорот
Финалната верзија на договорот уште не е потпишана, но неговите детали отвораат прашања. Како што пишува во документот, пред финализацијата „Јунајтед груп“ има обврска да спроведе обемна „реорганизација“. Под капата на „Адриа Њуз“ ќе се консолидираат цела мрежа на медиуми – Телевизија N1 во Србија, Хрватска и Босна, Адриа њуз продакшн доо (Словенија), Дан Граф кој е издавач на весникот „Данас“, телевизијата и порталот „Вијести из Црне Горе“ (51 проценти удел), Нова М (Црна Гора) како и „Јунајтед медиа дигитал“ (порталите Nova.rs, весникот Нова и неделникот Радар, Србија).
Фирмата „Јунајтед медиа продакшн доо“ не е дел од продажбата, но договорот предвидува имотот и вработените кои работат на продукцијата на каналот на Нова С, да се префрлат во фирмата „Н1 телевизија доо“ која оди кај нов сопственик.
Со тоа „Алпак Капитал“ ќе ги контролира Н1 и продукцијата Нова С преку истата фирма.
Сите услови според договорот, мора да бидат исполнети во рок од 7 месеци. Во договорот има посебна клаузула за „уредничка независност“. Купувачот се обврзува дека по преземањето ќе ја зачува уредничката автономија на медиумите и ќе ги почитува европските правила за плурализмот на медиумите и независноста на редакцијата. Се наведува дека управувачките структури мора да бидат организирани така што ќе бидат независни од политичките и комерцијалните влијанија.
Овие ветувања за уредничка независност доаѓаат после неколку турбулентни месеци во медиумите на Јунајтед груп. Минатиот август објавен беше аудиоразговор меѓу штотуку поставениот генерален директор на „Јунајтед груп“ Стен Милер и директорот на „Телеком Србија“ Владимир Лучиќ, во кој се зборува за промена на долгогодишната директорка на „Јунајтед медија“ Александра Суботиќ. На снимката Лучиќ тврди дека иницијативата за нејзина смена доаѓа „од претседателот на Србија Александар Вучиќ“.
„Ќе ве запалиме, само чекаме дозвола“: Редакцијата на Н1 во Србија мета на секојдневни закани


