Можно е суспендираниот обвинител Цветановски да го замени Коцевски?
Суспендираниот виш обвинител Јован Цветановски е можен наследник на Љупчо Коцевски на позицијата државен јавен обвинител, објави „Алсат“ повикувајќи се на свои извори.
Препорачано
Токму Коцевски, како негов претпоставен, иницираше суспензија на обвинителот Цветановски за сторена тешка дисциплинска повреда.
Владата вчера соопшти дека започнала постапка за разрешување на Коцевски, кој на функцијата беше избран пред речиси точно една година. Според Владата, тој „постапувал надвор од законските надлежности“. Од „Илинденска“ сметаат дека Коцевски незаконски постапил при именувањето на вршителот на должност шеф на Вишото јавно обвинителство, односно за назначувањето на Наташа Крстевска Цалевска за в.д. шефица на ова обвинителство, чиј претходен шеф, Мустафа Хајрулахи, беше суспендиран, иако Коцевски објасни дека назначувањето е од времен карактер.
Доколку предлогот за разрешување на Коцевски помине во Собранието, ова ќе биде второ разрешување на државен јавен обвинител по независноста, откако во 2017 година од функцијата беше сменет тогашниот републички обвинител Марко Зврлевски.


