Може ли куче да биде вегетаријанец? – Еве какви ризици носи таквата исхрана
Многу луѓе, од различни причини, одлучуваат својот начин на исхрана да го продолжат како вегани или вегетаријанци. Тоа го прават по сопствена волја и избор, внимавајќи на тоа организмот да ги добие сите потребни нутриенти за нормално и здраво функционирање, пишува „Љубимци“.
Препорачано
Јасно е дека животните немаат можност да донесуваат вакви одлуки, ниту пак имаат потреба од нив. Но, што би се случило доколку едно куче „стане“ вегетаријанец?
Кучињата, за разлика од мачките (кои се строги месојади), благодарение на човекот станале сештојади. По углед на волците, кучињата некогаш се потпирале исклучиво на месо, но откако се приближиле до луѓето и нивната разновидна кујна, почнале да пробуваат различна храна од трпезата и со текот на времето стекнале навика да јадат и други намирници освен месо. Иако кучето секогаш ќе посегне по сочно парче месо, тоа не значи дека нема да се израдува и на јаболко, морков или друга храна од растително потекло.
Иако кучињата не одбиваат разновидна храна, се поставува прашањето – дали и каде може да настанат проблеми доколку нивната исхрана стане вегетаријанска?
Потенцијални ризици од вегетаријанска исхрана кај кучињата
Најголемиот ризик од вегетаријанската исхрана кај кучињата е недостигот од есенцијални нутриенти. Недоволен внес на протеини, таурин, минерали (железо, цинк), витамин Б12 или калциум може да предизвика проблеми со мускулите, срцето, коските и имунитетот. Во месото овие материи се наоѓаат во лесно искористлив облик, додека во растителната исхрана мора внимателно да се комбинираат или да се додаваат преку суплементи.
Посебно чувствителни се кученцата, бремените кучки и постарите кучиња. Затоа, куче никогаш не треба да премине на вегетаријанска исхрана без претходна консултација со ветеринар, крвни анализи и редовни контроли, кои се неопходни за следење на општото здравје.
Може ли куче-вегетаријанец да биде здраво и енергично?
Вегетаријанската исхрана за кучиња најчесто се базира на мешунки (леќа, наут), ориз, овес и други житарки, зеленчук, растителни извори на протеини, додатоци на витамини и минерали, како и одредени производи од животинско потекло кои обезбедуваат протеини и калциум. Сепак, ваквата исхрана, без стручно знаење, лесно може да стане некомплетна, да го загрози здравјето на кучето и да предизвика сериозни проблеми и страдање.
Кога се препорачува вегетаријанска исхрана за куче?
Во случаи на тешка интолеранција или алергија на протеини од животинско потекло, или при други здравствени проблеми, ветеринарот може да препорача исхрана без месо. Во такви ситуации, најчесто се преминува на индустриски произведена, комплетна вегетаријанска храна за кучиња – исклучиво по препорака и под надзор на ветеринар.


