Мота мора да оствари цели за да остане тренер на Јувентус
Раководството на Јувентус го поддржа тренерот Тиаго Мота по серијата лоши резултати, но му постави минимални цели да остане во клубот, објавија денеска италијанските медиуми.
Препорачано
Навивачите на Јувентус го губат трпението поради слабите резултати од почетокот на годината, но засега нема ризик од отказ на тренерот, пренесе „Газета дело Спорт“.
„Црно-белите“ од почетокот на годината победија само еднаш во седум натпревари во сите натпреварувања и претрпеа два порази, од Наполи во првенството и Бенфика во Лигата на шампионите.
Весникот објави дека директорите на клубот се уште имаат доверба во Мота, кој минатото лето потпиша тригодишен договор. Овој весник наведува дека раководството е свесно дека на Мота му треба повеќе време за да изгради тим со бројни млади и нови играчи, но му поставиле минимални барања кои мора да ги оствари оваа сезона.
Јувентус очекува оваа сезона тимот да се пласира барем во осминафиналето на Лигата на шампионите, а клубот ќе се бори против ПСВ за да стигне до таа фаза. На Мота му беше даден и услов тимот следната година да се квалификува за најелитното европско натпреварување.
По 22 одиграни кола, Јувентус е петти во Серија А со 37 освоени бодови.


