Моравјецки ја предупреди ЕУ да не ја „уценува” Полска во однос на владеење на правото

Матеуш Моравјецки / Фото: EPA-EFE/Szilard Koszticsak HUNGARY OUT

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја обвини Европската комисија и делови од Европскиот парламент дека неправедно ја издвоиле неговата земја за прашања поврзани со владеењето на правото, јави ДПА.

– Не смееме да молчиме кога нашата земја е нападната, рече Моравјецки пред европратениците и претседателката на Еврокомисијата Урсула фон дер Лејен. – Го отфрлам јазикот на заканите и нема да дозволам политичари од ЕУ да ја уценуваат Полска – рече тој.

Моравјецки цитираше правни одлуки од Франција, Германија и Данска за кои тврди дека ја релативизирале превласта над законодавството на ЕУ на сличен начин како и неодамнешната пресуда на Уставниот полски суд.

Фото: EPA-EFE/Marcin Obara POLAND OUT

ЕУ може да престане да биде федерација на слободни држави и да стане централно управувана група провинции доколку моќта на институциите на ЕУ не се контролира, предупреди тој. – Ова не е она на што се согласивме во договорите – рече Моравјецки.

Претходно, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен изјави дека Брисел „нема да дозволи“ Полска да ги доведе во ризик вредностите на ЕУ. Во обраќањето пред пратениците во Стразбур, Фон дер Лејен рече дека неодамнешната пресуда на Уставниот суд на Полска претставува закана за основните принципи на блокот.

ЕУ Брисел/ Фото: Архива на Слободен печат

Европската Унија е во конфликт со Полска поради одлуката на Варшава да воведе промени во судскиот систем на земјата, што и даваат на владата поголема моќ над судовите. Унијата го смета овој потег за недемократски, додека владејачката Партија на правото и правдата вели дека промената била неопходна за реформа на неефикасниот систем. Уставниот суд на Полска неодамна пресуди дека националното законодавство е над она на ЕУ.

Полските лидери испратија порака до ЕУ пред денешното обраќање на премиерот Матеуш Моравијецки пред Европскиот парламент: – Не подлегнуваме на уцени, рече Јарослав Качински, де факто лидер на земјата и водач на владејачката Партија на правото и правдата.

Јарослав Качински/ Фото EPA-EFE/PAWEL SUPERNAK POLAND OUT

Иако Полска и владеењето на правото не се на дневен ред за состанокот на лидерите оваа недела, холандскиот премиер Марк Руте рече дека ќе инсистира на замрзнување на средствата за Полска. Меѓутоа, германската канцеларка Ангела Меркел веќе ги предупреди земјите од ЕУ и Европскиот парламент да не брзаат да ги блокираат средствата за опоравување на Полска.

Европскиот парламент, исто така, врши притисок врз претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен, да дејствува против Полска, или со блокирање на парите за помош за опоравување поради пандемијата или со воведување нов механизам што ќе го поврзе финансирањето на ЕУ со критериумите за владеење на правото. 

 ЕУ нема да дозволи Полска да ги доведе во ризик европските вредности

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот