Монаси од Бигорски проповедаа во затворот „Идризово“, одржаа беседа за силата на покајанието

Фото: МИА

Со благослов на епископот Антаниски г. Партениј и во договор и со одобрение на директорот на Управата за извршување на санкции, Марјан Спасовски, двајца монаси од манастирот Свети Јован Бигорски беа во посета на осудените лица кои издржуваат затворска казна во КПД „Идризово” во Скопје, соопшти манастирот.

„Отец Кирил и отец Силуан остварија лична средба со околу педесетина осуденици, разговарајќи за нивните животни стории, трагедии, проблеми и очекувања. Исто така, нашите собраќа им одржаа и беседа за силата на покајанието и за вистинското преобразување на личноста кое се случува со животот во Христа, а им поделија и Нови завети и книги со православна духовна содржина“, информираа од свештената бигорска обител.

Оттаму додаваат дека она што најмногу ги трогнало монасите била „искрената благодарност на затворениците и нивната огромна жед за духовна храна” и оти уште еднаш во пракса се докажала вистинитоста на зборовите на Свети Апостол Павле дека „каде што е намножен гревот, таму благодатта се јавува во голема изобилност“.

„Сеќавајќи се на апостолска заповед „помнете ги затворениците, како да сте со нив затворени, и оние што страдаат, зашто и самите сте во тело” како и на најголемиот страдалник и затвореник, спасителот наш Господ Исус Христос – кој заради нашето спасение окован беше фрлен в темница од часовите на заробувањето до неговото распетие, живеејќи ја трагедијата на затворениците и поднесувајќи ја во тие мигови сета човечка беда и оставеност – нашиот старец, епископ Антаниски г. Партениј, посветува особена грижа за душите на оние луѓе кои неблагопријатните животни околности, гревот, страстите, несреќи и недоразбирањата ги одвеле на заточение по затворите“, пишува во соопштението оф Бигорски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот