МОН подготви концепт за учење на далечина, но од 2022 година, не се знае како ќе се одвива наставата од септември

Profimedia

Министерството за образование и наука вчера јавно објави Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во Македонија.

Поради состојбата со Ковид-19 и натаму останува неизвесно дали учениците од септември ќе се вратат во училишните клупи, па поради ова од МОН изработија концепт за далечинско учење со тоа што сите заинтересирани можат да дадат придонес кон подготовка на што поквалитетна содржина на овој документ, преку достава на предлози и сугестии до петок.

Во документот јасно стои дека пуштањето во употреба на електронската платформа е предвидено за септември 2022 година, за кога е предвидена и изработка на е-содржини, додека набавката на ИКТ-опрема и образовен софтвер за користење ИКТ во согласност со стандардите е предвидена за 2025 година.

„Поконкретно, изработката на унифицирана електронска платформа за предавање, учење и методолошки ресурси, нејзино пилотирање и пуштање во употреба е предвидено за 2022 година, за кога е предвидена и изработка на е-содржини, додека набавката на ИКТ-опрема и образовен софтвер за користење ИКТ во согласност со стандардите е предвидена за 2025 година“, пишува во документот.

На самиот почеток од објавениот концепт е објаснето што всушност значи далечинското учење, а потоа се потсетува на досегашното искуство од овој тип на образование во нашата држава.

„Образованието од далечина или учењето од далечина е област на образованието што се фокусира на педагогијата, технологијата и дизајнот на наставните системи кои ефективно обезбедуваат образование на ученици/студенти кои не се физички „на исто место во процесот на стекнување на своето образование. Наместо тоа, наставниците и учениците комуницираат асинхроно со размена на печатени или електронски материјали/извори за учење или преку технологија што им овозможува да комуницираат во реално време (синхроно)“, стои во образолажението.

Суштината на документот е всушност презентирање на ефективно начини за успешно спроведување на процесот на учење од дома со примена на сите средства за електронска комуникација, преку целосен план за тоа како и учениците и наставниците полесно да ги совладаат сите онлајн алатки кои веројатно досега не им биле познати.

Она што лежи во целата основа на концептот за далечинското учење е создавањето на првата национална веб платформа (НДПО), Едуино, која вклучува видеолекции, ресурси, игри и разни активности за поддршка на воспитно-образовниот процес.

„Едуино има за цел да прерасне во колективна платформа на којашто, заедно со учениците, наставниците и родителите, ќе се креираат, проверуваат и објавуваат нови ресурси и материјали, градејќи ја првата национална библиотека на дигитални едукативни материјали во нашата држава“, стои во концептот.

Иако Едуино е веќе пуштена во употреба, сепак во концептот стои дека допрва треба да се работи на неа, односно платформата треба да се наполни со содржини кои ќе им бидат достапни на сите ученици.

Националната платформа за далечинско учење во објавениот концепт е целосно разработена и објаснета, со тоа што се тргнува од сите елементи кои ќе бидат составен дел од ваквиот начин на учење – Е- распоред, Е-училница, Е-дневник, како и електронска занимална за учениците.

Согласно ова, секое училиште треба да воведе сопствен Е-распоред на часови, а при реализацијата на самите часови, се препорачува презентирањето на новата наставна содржина да не биде повеќе од половина од предвиденото време на часот, односно околу 15 минути, а преостанатите минути од часот наставникот да ги користи за комуникација со учениците на тема која е битна во моментот и за која учениците покажале интерес.

Во однос на давањето на повратна информација во текот на учењето од далечина се наведени неколку начини и тоа: Пишана форма – преку различни опции за давање коментари во самиот документ кој го испраќа ученикот, но и аудиоформа или видео форма – Кога наставникот може да ја сними повратната информација и да ја испрати до ученикот во вид на видео снимка или аудиоснимка.

При овој процес наведено е и тоа дека е неопходно наставниците да ги вклучуваат и родителите, односно треба да испратат повратна информација и до нив за тоа дали и колку нивното дете пројавува интерес за учењето.

Оценувањето во овие услови исто така може да биде проблематично, а предвидено е да се одвива на неколку начини: Tестови со краток одговор – овие тест-задачи бараат од ученикот да пополни збор или фраза како одговор на директно прашање или да внесе збор или фраза што останала надвор од изјава. Eсејски прашања – овој начин на тестирање одзема многу време на наставниците за нивно прегледување, меѓутоа доколку е непходно ќе може да се користи и овој тип на проверка на знаењето.  Онлајн игри – Онлајн игрите нудат возбудливи можности за учениците за учење и се погодни за следење на напредокот и за оценување. Тие можат да обезбедат креативно опркужување во кое учениците ќе научат да експериментираат, да соработуваат и да решаваат проблеми.Тие можат да се користат во сите наставни предмети, а пред се за формативно оценување. Електронско портфолио – тоа е неизоставна алатка во оценувањето од далечина затоа што му овозможува на ученикот сам да си го следи сопствениот напредок, да се подобрува и да го документира напредокот.

Иако се објаснети сите начини како учениците преку оваа платформа ќе ја доставуваат својата работа до наставниците, сепак потребно е и самите наставници да бидат обучени за овој вид на настава, поточно да ја добијат потребната техничка поддршка.

„Техничката поддршка на наставниците треба да биде обезбедена од училиштето (преку одредување на лице за техничка поддршка за наставниците), локална заедница (преку обезбедување на опрема, интернет врска), како и стручна поддршка која треба да биде обезбедена преку акредитирани програми за обука од страна на Бирото за развој на образованието“, стои во документот.

Наставниците од сите средни и основни училишта во земјава ќе подготвуваат  и онлајн лекции кои учениците ќе можат да ги следат на националната платоформа за далечинско учење.

На крајот од самиот концепт е подготвен и акциски план за реализација на сите овие активности, односно наведено е на кој начин Министерството за образование и наука во соработка со повеќе други институции ќе ги обезбеди сите неопходни алатки и средства за успешно реализирање на процесот на далечинско учење.

Сепак, она што останува нејасно е дали и како ќе се продолжи со онлајн настава од септември, во однос на тоа дека, како што пишува и во самиот документ, споменатата електронска платформа треба да започне да се применува од 2022 година.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот