ФОТО | Момче од Америка открило фосил стар 48 милиони години среде пустелија
За време на семејно патување во американската држава Вајоминг минатата есен, единаесетгодишното момче Турен Поуп забележало нешто што не се вклопувало во пејзажот.
Препорачано
Она што на почетокот му изгледало како необичен камен, всушност бил исклучително добро зачуван артефакт – стар најмалку 48 милиони години, пишува „Мирор“.

Ова откритие ја претворило рутинската семејна прошетка во настан од големо значење за целиот регион. Мајката на Турен, Теса Патерсон, останала без зборови кога ги видела фотографиите од пронајдениот фосил.
– Бевме запрепастени. Се прашувавме што претставува – изјавила таа за локалните медиуми.

Семејството го пријавило откритието во Бирото за управување со земјиште, по што експертите биле испратени на терен за да го испитаат местото.
Меѓу оние што одговориле бил и Џ.П. Кавиџили, специјалист за музејски колекции во Геолошкиот музеј „Тејт“ во Касперс, Вајоминг.
– По неколку минути, можевме да заклучиме дека станува збор за речиси целосен оклоп од желка и дека е достојно за внимание – изјавил тој.
Фосилот бил внимателно ископан и стабилизиран пред да биде транспортиран во музејот, каде што бил исчистен и научно испитан. Службениците особено ја пофалија внимателноста и смиреноста на Турен, истакнувајќи дека неговата брза одлука да ги извести властите била клучна.
Портпаролот на BLM нагласи дека откритието не би било можно без „острата моќ на набљудување на Турен кога станува збор за фосили“ и одлуката да го пријави откритието во Бирото.
Оклопот, кристализиран за време на милиони години поминати под земја, денес претставува еден вид мост помеѓу модерното и античкото време во југозападен Вајоминг.

Исклучително добро зачуваниот фосил на желка од семејството Trionychidae дава ретка можност да се ѕирне во времето кога денешниот сув Голем басен на реката Зелена била тропска поплавна рамнина, пресечена со реки и задни води што вриеле од живот.
Откритието фрла светлина врз светот на древните водни суштества што некогаш живееле во овие потоци, пред климата на областа да го добие својот сегашен карактер.
Археологот и координатор на палеонтолошките истражувања на Бирото за управување со земјиште, Крег Томас, истакнува дека откритието на Турен веројатно го спасило реткиот примерок од распаѓање.
– Ако не ги пронајдеме навреме, тие имаат тенденција брзо да се распаѓаат кога ќе стигнат до површината – изјави тој.

Бирото соопшти дека откритието „не само што помогнало да се зачува важен дел од палеонтолошката историја на Вајоминг, туку и ја истакнало улогата на јавноста во заштитата и одговорното известување за научните ресурси пронајдени на јавни површини“.
Како последен гест на благодарност, Бирото му дозволи на Турен да го именува праисторискиот фосил од влекач, за кој се проценува дека е стар 48 милиони години. Така го доби името „Малиот Тими“.


