Фото: Кумановски муабети / Јутјуб / скриншот

Мнозинството на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ во Советот во Куманово одби расправа за проблемите со стариот данок

На граѓаните и на советниците на „Ред за Куманово“, кои поднеле иницијатива да се расправа за ова прашање, од Советот им одговориле дека немаат надлежност и дека за темата е одговорна УЈП.

Мнозинството во Советот на Општина Куманово, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, денеска одби да ја стави на дневен ред расправата за проблемите со кои се соочуваат печалбарите од градот, на кои Управата за јавни приходи (УЈП)им бара да платат данок на приходите остварени додека пред години работеле во американските бази во Ирак и Авганистан, објави „СДК.мк“.

На граѓаните и на советниците на „Ред за Куманово“, кои поднеле иницијатива да се расправа за ова прашање, од Советот им одговориле дека немаат надлежност и дека за темата е одговорна УЈП.

Некогашните печалбари во Ирак и Авганистан со недели протестираат пред УЈП барајќи да се реши нивниот проблем. Тие велат дека данокот им е веќе платен од надлежните институции, притоа побараа помош и од градоначалникот и Советот на Општина Куманово.

Мнозинството во Советот на Општина Куманово го сочинуваат седуммина советници на Движењето ЗНАМ, шестмина од ВМРО-ДПМНЕ, три од ДПСМ и тројца од „Вреди“. Опозиција се четири советници од коалицијата на СДСМ, пет од коалицијата на ДУИ, двајца на независната листа „Ред за Куманово“ и еден на Левица.

Градоначалникот и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, рече дека се сретнал со засегнатите граѓани и откри што се договориле:

„УЈП презема обврска да формира стручни тимови, кои ќе вршат редовна легитимација на даночните обврзници, кои се засегнати од овој процес, и ќе ги прибере комплетните документи на тие што ги поседуваат, во делот на уверенија за платени давачки во странски држави. Сите кои немаат такви документи ќе се изработат листи за кои државата ќе побара официјални документи од компаниите и државите. По добивање на овие податоци ќе се изготват конечни решенија од УЈП“, рече Димитриевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот