Младите македонски танчари на пиедесталот на Европското првенство во Шведска
Од 30 октомври до 3 ноември во Упсала, Шведска се одржа еден од најголемите танцови натпревари „Мега денс викенд“, елитен настан со традиција од шест години на кој учествуваа 3375 танчари од повеќе европски земји.
Препорачано
Во склоп на натпреварот се одржа и Европско првенство во латино – американски танци на Светската уметничка танцова федерација каде боите на Македонија ги бранеа танчарите на студиото „Денсерс јунајтед“.
Воодушевувачки е успехот на танчарите од „Денсерс јунајтед“, репрезентацијата на Македонија која со своите 13 танчари беа на врвот во своите категории. Од Европското првенство освен со огромното искуство, почит, восхит тие се вратија и со 11 златни, 9 сребрени и 5 бронзени пехари.
„Секој натпревар е големо искуство за нас како тренери, танчари и за мене како судија. Со голема радост ги прифаќаме поканите да учествуваме на сите позначајни меѓународни, светски и европски првенства. Ова Европско првенство во Шведска беше само уште еден показател дека танчарите од ‘Денсерс јунајтед’ се на врвно ниво, рамо до рамо со најдобрите во светот на танцот. Многу сме горди што од нашето студио излегуваат светски и европски прваци, нашите резултати покажуваат дека Македонија веќе е велесила во светот на танцот, задоволството е уште поголемо што интересот за нашите танчари секоја година сѐ повеќе се зголемува, тие се веќе препознатливи како квалитетни танчари со неверојатна техника, знаење, креативност, атрактивност, вештини, костимографија…“ – изјави Сара Кочан официјален судија од Македонија на Европското првенство во Упсала, Шведска.
Во периодот кој следува танчарите на „Денсерс јунајтед“ ќе учествуваат на натпревари во Романија, Хрватска и Србија и Велес. На 3 декември, на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, танцовото студио ќе ја одржи својата 10. инклузивна танцова претстава во Македонскиот народен театар, на која се слави различноста преку танц, музика и уметност.


