Мистериозната мисија: Слета американскиот вселенски авион, останувајќи во орбитата рекордни 908 дена
Вселенскиот авион „X-37B“ го надмина претходниот рекорд за времетраење на еден лет, останувајќи во орбитата дури 908 дена. Леталото со кое управува Вселенските сили на Соединетите Американски Држави (УССФ), е класифициран проект, па затоа се објавени малку информации за неговата намена или мисија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Но, официјалните лица велат дека последниот лет, лансиран во мај 2020 година, извршил голем број научни експерименти. „X-37 Orbital Test Vehicle“ најпрво ѝ припадна на НАСА, но моделот подоцна беше предаден на американската армија, која ја создаде варијантата „X-37B“, пишува Њу Сајентист.
„X-37B“ за прв пат полета во орбитата во 2010 година. Досега се конструирани две такви ракети кои вршеле долготрајни летови; вклучително и мисија која траеше 674 дена и заврши во 2014 година. Леталото беше конструирано од Боинг и наликува на минијатурен вселенски шатл, а функционира на сличен начин.
Разликата е во тоа што „X-37B“ нема човечки екипаж, туку се контролира со далечински управувач од Земјата. Се лансира вертикално на ракетите Атлас 5 или Фалкон 9. Поминува долги периоди во орбитата, на надморска височина од околу 400 километри, а потоа слетува како традиционално вселенско летало. За време на летот во орбитата, користи соларни панели за собирање енергија.
Последната мисија, позната како ОТВ-6, заврши на 12 ноември кога „X-37B“ слета во вселенскиот центар Кенеди на НАСА. Надлежните наведуваат дека за време на мисијата биле спроведени голем број научни експерименти, вклучително и тест дизајниран од американската поморска истражувачка лабораторија, во кој сончевата енергија се собирала од соларни панели и се емитувала на Земјата во форма на микробранови.


