Службени возила/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Министерството за здравство „такса“ 134.000 евра за сервис на службените возила

Министерството за здравство „такса“ 134 илјади евра за сервисирање на службените возила кои се во нивна и во сопственост на Државниот здравствен и санитарен инспекторат за период од 1 година покажуваат податоците од страницата на Бирото за јавни набавки.

Предвидените 134 илјади евра за оваа јавна набавка Министерството не е должно да ги потроши, бидејќи сервисирањето се врши само по потреба, велат оттаму за „Слободен печат“. 

Станува збор за договори за сервисирање кои што Министерството ги склучило со три фирми, едната за набавка и монтажа на гуми, а другите две за сервисирање на различни брендови автомобили. Со првата фирма вредноста на склучениот договор е 1.180.000 денари, со втората фирма таа изнесува 3.068.000 денари, а склучениот договор со третата компанија објавен на страницата на Бирото за јавни набавки изнесува 3.540.000 денари. За возилата за овие пари, предвидено е механичко сервисирање, односно предметот на набавката опфаќа набавка на делови и замена на резервни гуми, автомеханичарски, сервис на клима уреди за возила, автоелектричарски, лимарско фарбарски услуги, превоз на дефектни возила, набавка на пневматици и нивна замена и набавка на акумулатори и нивна замена по укажана потреба на Министерството за здравство.

„Слободен печат“ праша во Министерството за здравство колку возила се предмет на сервисирање со овие три договори, за што се користат овие возила, дали во нив спаѓаат возила на јавни здравствени установи или само на Министерството за здравство.

-Предмет на сервисирање со овие три договори се 55 возила. Овие возила се користат за службени потреби на Министерството за здравство и на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, велат од Министерството појаснувајќи дека во сервисот за овие цени не спаѓаат болнички или возила на јавни здравствени установи.  

Сепак, истакнуваат оттаму, Министерство за здравство има подрачни единици во рамки на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и возилата од подрачните единици влегуваат во категоријата што ќе биде сервисирана.

Поголем дел од возилата се постари од 15 години, објаснуваат од Министерството за здравство.

Инаку, во врска со возилата наменети за потребите на здравствениот систем во смисла на транспортот на самите пациенти, во септември директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски изјави дека Владата планира да набави 100 нови амбулантни возила. Тој рече дека на седница на Владата била донесена одлука Министерството за здравство да ги набави овие возила со одложено плаќање на пет години. Според него, 80 амбулантни возила ќе бидат купени во 2026 година а 20 во 2027 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот