Парно радијатори за греење / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Минимално греење на стартот на сезоната: Поради дефекти околу 80 објекти се со студени радијатори

Граѓаните се незадоволни од млаките радијатори и бараат да имаат греење во текот на целиот ден, а не само наутро.

Многу „срамежливо“ со млаки радијатори во утринските часови започна новата грејна сезона во Скопје во повеќето домови, фирми и институции. Сепак, околу 80 објекти го немаат ниту тоа минимално греење на просториите поради најразлични дефекти во зградите, но и поради дефекти на мрежата.

Според листата на затворени објекти за испорака на топлинска енергија што редовно ја објавува ЕСМ Снабдување, поради течење на грејна инсталација во текот на вчерашниот ден, но и денеска, доколку во меѓувреме проблемот не е решен, се детската градинка „Мајски цвет“, студентскиот дом „Пелагонија“, Психијатриската болница, Градежен и Машински факултет, основното училиште „Димитар Миладинов“, Агенцијата за разузнавање и Генералштабот на АРМ како и многу други институции и станбени згради.

 Во моментов, 79 објекти немаат обезбедени услови за испорака поради дефекти во внатрешната инсталација (поправките и редовното одржување се обврска на потрошувачите), оневозможен пристап до топлинските станици или прекин во снабдувањето со електрична енергија потребна за нивна работа, но моментална бројка е во постојан тренд на опаѓање – велат од ЕСМ.

Тие на нивната страница имаат објавено и листа на затворени објекти поради дефекти во дистрибутивната мрежа. На прашањето зошто овие дефекти на мрежата не се отстранети пред почетокот на грејната сезона, од компанијата велат дека проблем е старата дистрибутивна мрежа.

Станува збор за стара дистрибутивна мрежа изградена во 60-тите години од минатиот век, и за истата се подготвува проект за нејзина модернизација. 27 објекти се без греење поради дефекти на мрежата и приклучоците што се новоутврдени, а за време на летниот ремонтен период лоцирани и санирани се повеќе од 80 дефекти. Кај приклучоците, важно е да се потенцира дека обврската за санација е на страна на објектот. Екипите се на терен и интензивно работат на отстранување на дефектите на дистрибутивната мрежа со цел нормализирање на испораката на топлинска енергија во најкраток можен рок – објаснуваат од ЕСМ.

Скопјани очекуваат топли домови, а не да се греат „под ќебе“

Оттаму апелираат до потрошувачите и заедниците на сопственици што побрзо да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации, да обезбедат непречен пристап до топлинските станици и да овозможат континуирано напојување со електрична енергија, вклучително и преку плаќање на сметките за електрична енергија. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, со што ќе се овозможи непречено снабдување со топлина.

Пред да пријават дефект или рекламација, важно за потрошувачите е да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот на моментално затворени објекти кои во моментов немаат услови за испорака на топлинска енергија. Листата е достапна на следниот линк: Затворени објекти – ЕСМ Снабдување. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100 – велат од компанијата.

Непосредно пред почетокот на грејната сезона од ЕСМ информираа дека испораката на топлинска енергија ќе се одвива секојдневно по строго утврдените правила и дијаграми што зависат од атмосферските услови и надворешните температури. Односно, според правилата, во октомври и во првата половина од ноември, кога временските услови често се менуваат, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот, односно кога температурите се пониски, испораката на топлинска енергија ќе се зголемува, а кога се повисоки, ќе се намалува.

Граѓаните, пак, се незадоволни од млаките радијатори и бараат да имаат греење во текот на целиот ден, а не само наутро.

Цела година плаќаме редовно за греење и очекуваме во грејна сезона да ни е топло дома. Сега греат само наутро и тоа толку слабо, колку да се рече дека е пуштено парното. Тоа не е во ред кон нас потрошувачите, затоа што домовите не се загреваат без парно ако надвор се покачи температурата за степен или два – вели жител на Автокоманда.

Од ЕСМ најавија дека операторот за пренос на гас НОМАГАС најавил ремонтни активности на регионалните транспортни системи за пренос на природен гас и гасоводот „Турски тек“, па поради тоа од 13 до 17 октомври се очекуваше да има прекин во испораката на природен гас кон потрошувачите во земјава. Поради релативно високите температури на воздухот деновиве, потрошувачите не можеа да забележат дали исклучувањата на парното во текот на овие два дена се поради температурите или испораката на гас.

Доколку во преносниот гасоводен систем со кој управува НОМАГАС не се обезбедат соодветни количини, можни се незначителни редукции на испораката на топлинска енергија, кои нема значително да влијаат врз комфорот на потрошувачите, и тоа само во периодот од 15 до 17 октомври. Повторно апелираме до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона – информираа од компанијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот