Минарето на Алипашината џамија завршено, градоначалникот на Охрид сѐ уште не го видел

Фото: Принтскрин/Youtube/ Televizija 24

Додека институциите со години си ги префрлаат надлежностите и замижуваат пред проблемот, изградбата на Алипашината џамија привршува.

Без дозвола за градба минарето уште пред неколку дена доби купола, од вчера тргната е и зелената ограда и јасно од сите страни на Охрид се гледа кровната реконструкција во сива боја со златни елементи.

Во охридската чаршија се зборува дека џамијата ќе биде пуштена во употреба за празникот Бајрам, но потврда за ова сѐ уште нема.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, освен што не знае дека објектот следниот месец ќе биде пуштен во функција, досега не го видел ниту минарето, ниту куполата, иако според неофицијални информации неговата висина е 25 метри и е највисок објект во старото градско јадро.

Премиерот Зоран Заев иако пред изборите ветуваше дека преку дијалог ќе има решение, сѐ уште не е изнајдено. Минарето е изградено нелегално, но Заев изјави дека не може да пушти булдожер да го сруши објектот.

Според здружението од Охрид „Совест“, изјавата на Заев е доказ дека постои политички договор за реконструкцијата да биде завршена. Според неофицијални информации, пред започнување на изградбата на минарето, направен е компромис минарето да биде 25 метри високо, наместо првично планираните 32 метри.

Остра осуда кон власта за џамијата но и за другите дивоградби упати и невладината „Охрид СОС“.

– УНЕСКО во својот извештај констатира дека двоецот СДСМ и ДУИ нема никаква намера да ја прекине криминалната урбанизација, легализира дивоградби, допушта палење на огромни појаси трска во Струшко, дозволува несоодветна и нелегална реконструкција на објекти кои се дел од културното наследство“ – велат од „Охрид SOS“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот