Милеска е првиот женски селектор на македонска фудбалска репрезентација
Катерина Милеска, тренер на првакот Деспина, актуелната репрезентативка на македонската женска репрезентација и рекордерка по бројот на настапи во женската селекција е именувана за селектор на женската репрезентација до 17 години, информираат од Фудбалската федерација на Македонија.
Препорачано
Женската репрезентација до 17 години ја очекуваат два пријателски меча во Букурешт со Романија (17 и 19 август), а првиот резултатски предизвик е квалификацискиот турнир следниот месец против Естонија, Молдавија и Украина.
– Ме радува тоа што сум прв женски селектор на македонска репрезентација. Визијата на ФФМ „Повеќе жени, повеќе голови“ и стратегијата за развој на женскиот фудбал е насочена кон вклучување на повеќе девојки и жени во нашиот фудбал, а јас се надевам дека ќе бидам поттик за доплнителна промоција на нашиот фудбал. Се разбира, со докажување во работата и подобри резултати на националните тимови – вели Милеска.
Воедно ФФМ известува дека Дашмир Беари, поранешниот тренер на неколку македонски клубови (Ренова, Гостивар, Дрита, Велазерими), помошник тренер во Ал Раед, Саудиска Арабија и поранешен предводник на македонската селекција до 15 години е именуван за нов селектор на репрезентацијата на Македонија до 19 години.
Новиот селектор на надежната македонска селекција ќе дебитира на клупата на Националниот тим до 19 години на силен турнир во Словенија во периодот од 1-7 септември. На пријателскиот турнир во Словенија, покрај нашата и домашната селекција ќе учествуваат репрезентациите на Франција, Русија, Бразил и Саудиска Арабија.

У19 надежите покрај турнирот следниот месец во Словенија ќе одигра и два контролни натпревари на 6 и 8 октомври, а квалификацискиот турнир за пласман во Елитна фаза за ЕП е закажан во ноември во Албанија. Нашата селекција е во група со домаќинот Албанија, Франција и Србија.
– Прилика за ново докажување. И за мене, но и за сите во тимот.Благодарност до Фудбалската федерација на Македонија и тренерската организација за укажаната доверба. Селекцијата до 19 години е една од важните за македонскиот фудбал. Потенцијалот за најголеми репрезентативни достигнувања фудбалерите најчесто го добиваат преку оваа репрезентација. Ќе работам професионално и чесно – се зборовите на Беари.


