Миле Јанакиески стана сопственик на градежна инвестициска групација
Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, стана еден од сопствениците на градежниот конзорциум „Смарт Инвест Груп“, кој обединува неколку познати инвеститори од Пелагонија во изградба на станбени комплекси.
Препорачано
Како што пренесува Фактор, Јанакиески во групацијата влезе минатата недела на местото на битолскиот инвеститор Крсте Неделковски, сопственик на градежните компании „Конкрит“ и „БВ Инженеринг“. Со тоа, негови нови бизнис-партнери стануваат познатите бизнисмени од Битола – Драги Филевски (Марио Матео), Пеце Талески (ОХО Продукција), Филип Стојчевски (Чифлик), Владимир Христовски (Графо пром) и Исни Абази (Оне Финанс).
Јанакиески, кој минатата година излезе од затвор по условен отпуст од казната за предметот „Титаник“, останува фигура со бурно политичко и судско минато. Тој беше обвинет и во случаите „Топлик“ и „Талир“, но тие предмети застареа по измените на Кривичниот законик, а годинава беше амнестиран и за „Организатори на 27 април“. Во тек е предметот „Шпански скали“.
Групацијата, основана пред две години, функционира како заедничка инвестициска платформа која собира капитал од различни бизнисмени со искуство во градежништво, ИТ, финансии, медиуми и трговија.


