Милановиќ и Вучиќ сложни во создавање тензии
Зоран Милановиќ го прогласи Александар Вучиќ за непожелен во Хрватска. Сепак, дури ни провокативните и воинствени изјави на претседателот на Србија не треба да бидат причина за укинување на просторот за соседски дијалог.
Одлуката на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ да го откаже планираниот мајски состанок во рамките на иницијативата Брдо–Бриони за да го спречи доаѓањето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Хрватска, веќе цела недела предизвикува поделени реакции во јавноста.
Препорачано
Се чини дека преовладуваат критичките осврти, додека од другата страна се наоѓаат главно хрватската крајна десница и самиот Александар Вучиќ. Тој за медиумите го прокоментира тоа со зборовите дека „во целост“ се согласува со потегот на Милановиќ, бидејќи „таму не му е ни место“.
Во соопштението на Кабинетот на претседателот на Хрватска се наведува дека „политичките изјави и постапки“ на претседателот на Србија „последните денови и недели“ се во спротивност „со целта на процесот Брдо–Бриони“, чиј копретседавач е Милановиќ.
Се потсетува дека овој процес го покренаа Хрватска и Словенија со цел подобрување на меѓудржавната соработка и забрзување на европските интеграции на југоистокот на Европа. Подоцна од други извори беше објавено дека во кабинетот на словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, исто така копретседавачка на иницијативата, се разгледува алтернативна локација за состанокот што ги собира шефовите на држави од Западен Балкан.
Умилкување кон десницата?
„Начелно говорејќи, мислам дека секогаш е многу попаметно да се разговара отколку да не се разговара. На крајот на краиштата, тоа денес на нашиот континент најдобро се гледа на примерот ЕУ и Русија“, изјави за ДВ Томислав Јакиќ, надворешнополитички коментатор и поранешен советник за надворешна политика на Стјепан Месиќ, хрватски претседател од претходната деценија.
Тој додава дека по четири години Европската Унија „конечно дојде на себе“ и констатираше дека со Русија „може и мора да се комуницира“. Да се размислувало така од почеток, смета Јакиќ, состојбата во врска со војната во Украина секако не би била полоша отколку што е.
Кога станува збор за односите меѓу Хрватска и Србија, тој смета дека, не само според претходниот пример, туку и со почитување на историјата, пред сè не треба да се заборави дека станува збор за соседи.
„Поради низа причини упатени сме едни на други“, продолжува тој, „а изградбата на што е можно подобри односи дефинитивно е во интерес на граѓаните на двете земји. Ако не добрососедски, тогаш барем коректни односи. А откажувањето на состанокот во рамките на процесот Брдо–Бриони, на кој Хрватска требаше да биде домаќин, никако не придонесува за унапредување на тие односи.“
Особено ако се има предвид дека тие веќе подолго време се на многу ниско ниво. Јакиќ вели дека има впечаток, во недостиг на поконкретни показатели, дека хрватскиот претседател „почувствувал потреба, од само нему познати причини“, повторно на некој начин да стане прифатлив и за десното крило на хрватското избирачко тело. И тоа, напоменува тој, иако Зоран Милановиќ повеќе нема можност повторно да се кандидира за претседател на Хрватска.
„Од аспект на зачувување на достоинството на функцијата претседател на Република Хрватска“, категоричен е Јакиќ, „тој нема потреба да му се умилкува на кого било.“
Дрвја и камења и ракети
„Истовремено, последните неколку недели, на други надворешнополитички теми, тој покажа дека знае да заземе исправен, цврст и јасен став, дури и кога тоа не му носи политички поени на домашната сцена. Затоа уште потешко ми е да разберам зошто оди во правец на одржување на напнатост меѓу Хрватска и Србија“, вели овој поранешен телевизиски репортер и коментатор.
Тој нагласува дека ни на кој начин не сака да го амнестира она што Вучиќ го рекол или направил во тој контекст.
„Но ако односот со Србија сака да се расчисти, би било помудро и политички почисто да се овозможи прилика во која претседателот Вучиќ сам би морал да се легитимира“, смета Јакиќ.
Состанокот на иницијативата Брдо–Бриони, според него, беше добар простор за тоа – секако подобар од многу други. Ова е особено важно поради наглиот раст на напнатоста меѓу Хрватска и Србија последниве недели, откако Војската на Србија јавно ги прикажа кинеските ракети воздух–земја од типот CM-400.
Во речиси сите толкувања, па и во она што го изнесе Александар Вучиќ, тоа оружје беше претставено како порака пред сè до Хрватска, па така српските таблоиди соодветно ги нарекоа „Загрепчанки“. Алтернативни гласови, пак, укажуваа на претпоставката дека поверојатно станува збор за кревањето на влогот во преговорите околу Косово.
Томислав Јакиќ оценува дека со потегот на Милановиќ, на Вучиќ привидно му се затворени вратите, но дека со тоа всушност му е дадена можност на Србија уште еднаш „да сруши дрвја и камења“ врз Хрватска. Според него, сето тоа заедно повторно е непотребно и штетно.
Живот од непријателство
Тој се осврна и на договорот за воена соработка меѓу Хрватска, Косово и Албанија, кој српскиот претседател го оцени како најава за оружена закана кон неговата земја. Јакиќ смета дека тоа теоретски навистина би можело да биде закана – кога би имал некој такви намери.
„Длабоко сум убеден, според сè што знаеме за тој сојуз, дека од тоа нема ни збор. Не можам на ист начин да зборувам за сите учесници во сојузот, но за Хрватска можам сосема сигурно да тврдам дека овде никој не е толку неодговорен да размислува на тој начин, без оглед на сите симптоми на милитаризација низ кои минува и Хрватска“, изјави Јакиќ за ДВ.
Тој додава дека властите и во Хрватска и во Србија, уште од деведесеттите години на минатиот век, во речиси секој состав практично живеат од тоа да имаат непријател на другата страна.
„Тешко е тоа прецизно да се измери и да се каже каде во кој момент има повеќе или помалку одговорност, но општо земено, напнатоста им одговара на двете страни. Не само на Вучиќ – и на ХДЗ му одговара да ја претстави другата страна како заканувачки непријател во очите на својата јавност. На крајот се сведува на заклучок дека и во Хрватска и во Србија очигледно станува збор за доследна политика од типот – непријател мора да постои“, заклучува Томислав Јакиќ.
Во меѓувреме, вниманието на јавноста е насочено кон евентуалното скоро објавување на нов термин и локација за состанокот на иницијативата Брдо–Бриони, кој би можел да донесе и средба меѓу Милановиќ и Вучиќ.
Извор: DW/ Автор: Игор Ласиќ


