Михајлов: Беше предизвик за мене, Силекс експресно се враќа во Првата лига

ФК Силекс го освои првото место во Втората лига - Запад/Фото: facebook.com/FkSileksKratovo

Живееме за куп финалниот меч. се подготвуваме, не треба да се залетуваме, наше е да се претставиме што е можно подобро за Македонија ЃП – вели стратегот на кратовци.

Фудбалскиот клуб Силекс од Кратово ја оствари главната цел за оваа сезона, а тоа е враќање во Првата македонска лига. Играчите предводени од тренерот Горазд Михајлов се шампиони во Втората лига – Запад, а пласманот во елитата беше заверен по триумфот над Тетекс со 2:0.

До крајот на сезоната кратовци во 2МФЛ ги очекува уште дуелот со Воска Спорт дома на 14 мај, а шест дена подоцна ќе играат во куп финалето во кое ќе го бранат трофејот од минатата сезона против Македонија ЃП на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје.

– Со оглед на тоа што Силекс минатата година испадна во Втора лига, секако ова беше еден предизвик за мене, бидејќи тоа го имам веќе остварено со Борец и со Тетекс. Така што, без размислување се нафатив имајќи во предвид за каков клуб станува збор пред сè на организациски план. Клуб кој е со богата традиција, еден од најтрофејните клубови во нашата земја. Знаев што нè очекува, бидејќи со оглед на тоа што голем број на играчи го напуштија клубот, буквално останавме со четири играчи. Почнавме со тие евронастапи, нели како освојувач на Купот во кој сме актуелни шампиони. Европа тогаш ни беше предизвик, несреќно загубивме, меѓутоа не жалиме, добро се претставивме и ние и македонскиот фудбал. Успеавме да ја склопиме екипата, изборот беше мој со помош на Стевица Ристиќ, кој беше назначен за спортски директор. Мислам дека заслужено, и приоритет беше да се врати Силекс што е можно побрзо, експресно во Првата лига, онаму каде што припаѓа – ни изјави Михајлов.

Скоро сите ги има на располагање за дуелот со Воска Спорт, само еден играч е повреден, од последниот дуел со Вардар, но Михајлов верува дека доколку се среди доколку не за Воска, тогаш за финалето во Купот.

– Значи, тренираме, сега приоритет ни е Купот, првпат во историјата на мак фудбалот, еден второлигаш ќе игра едно големо финале. Живееме за тој натпревар, се подготвуваме, работиме трпеливо. Не треба да се залетуваме, наше е да се претставиме што е можно подобро за Македонија ЃП која покажа одлични игри сезонава – вели Михајлов.

Силекс, трикратен шампион на Македонија (петпати вицепрвак), ќе се обиде следната сезона во 1МФЛ да биде што поконкурентен, со ангажирање на неколку засилувања, со намера да се бори што повисок пласман.

– Да го искористиме максимално летниот преоден рок, да донесеме некој нов играч. Повеќето од фудбалерите кои се сè уште во клубот, кои имаат прволигашко искуство, ќе гледаме да ги задржиме. Да се засилиме на позиции каде што има потреба. Ќе бараме играчи и од нашата лига, како и странци, интернационалци, кои ќе бидат адекватни замени за да ја направат таа потребна разлика во однос на другите играчи. Амбициите за следната сезона ќе бидат да се остане во прволигашко друштво и нормално доколку ни се укаже шанса, ќе се бориме за погорните позиции – рече Михајлов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот