Мицкоски: Првата возможна дата за избори е средината на месец јули

Тој упати порака и до раководство на СДСМ и Зоран Заев да не прават притисоци ниту во ДИК, ниту кај граѓаните.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конфернеција порача дека партијата нема да оди на предвремените парламентарни избори ако тие се одржат на 5 јули, или на предложениот 8 јули, а прва можа дата е средината на јули.

Тој го повика претседателот Стево Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба, нагласувајќи дека партијата има два услова да учествува на изборите – подготовка на протоколи за заштита на здравкето на граѓаните и услови за фер и демократски инклузивни избори.

Нагласи дека еден ден откако во земјата ќе стигне Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР може да почне кампањата..

-Имаш време денес до крајот на денот да ја продолжиш вонредната состојба. За зошто да ја продолжи вонредната состојба? Затоа што ВМРО-ДПМНЕ има два услови, а тоа е најпрви да изработиме протоколи со коишто ќе го заштитиме здравјето на граѓаните. Знам дека и тебе ти е тоа приоритет. Од ова кратко време колку што имав можност да те запознаам г. Стево Пендаровски знам дека и тебе ти е тоа приоритет – да изработиме протоколи со коишто ќе го заштитиме здравјето на граѓаните и втората работа, да имаме фер и демократски инклузивни избори во оваа држава Што значи тоа? Тоа значи дека првиот ден кога мисијата набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе бидат во Македонија веднаш по одржаната нивна прес-конференција следниот ден нека биде првиот ден од нашата кампања и од тој прв ден да го утврдиме датумот кога ќе бидат одржани овие избори. Според сегашната ситуација она кое што ние како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија” го антиципираме првата возможна дата е средината на месец јули, рече Мицковски.

Тој упати порака и до раководство на СДСМ и Зоран Заев да не прават притисоци ниту во ДИК, ниту кај граѓаните.

-Ќе ве победиме кога и да се случат тие избори, ќе ве победиме. Одважете се уште од сега и престанете да го втурнувате народот во една ситуацијата во која што наместо да нудиме проекти ќе ги броиме бројот на новозаразените и луѓето коишто за жал ќе го загубат животот. А, јас, ви ветувам дека после дебаклот којшто ќе ви се случи кога и да се одржат тие избори ќе имате право на невиност, на пресумпција на невиност, но одговорноста нема да ви бега, рече Мицкоски.

На новинарско прашање што доколку кампањата отпочне утре, а изборите се случат на 5 или 8 јули  без присуство на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР, тогаш рече, Мицкоски, се согласува со ставот на претседателот Пендаровски дека покрај здравствена и економска криза ќе имаме сериозна политичка криза.

– ВМРО-ДПМНЕ нема да биде дел од тие избори ниту на 5, ниту на 8 јули посебно после денешното известување кое што го добивме од ОБСЕ/ОДИХР, тогаш престојат други дополнителни чекори за кои јавноста ќе биде благовремено информирана, но тогаш ни претстои процес на самоорганизирање и за жал дополнителна политичка криза во државата, рече Мицкоски а одговорноста за тоа вели, паѓа на товар на раководство на СДСМ.

Синоќа на полноќ заврши вонредната состојба, а откако лидерите на двете најголеми партии во државата владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Зоран Заев и Христијан Мицкоски завчера во Вила Водно не постигнаа договор за датумот за изборите, продолжуваат да течат изборните дејствија за избори на 5 јули. Кампањата, пак, ќе започне на 16 јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот