
Мицкоски знае дека „ќе се случи народ“ и дека лично ќе го поддржи ако петтемина членови на Судски совет не заминат
Сакам да кажам дека доколку не постапат соодветно на одлуката на тие што ги избраа, а тоа се парламентарците, се плашам дека може да им се случи народ. Да се самоорганизира и да протестира затоа што народот е желен за правда… Имам чувство дека доколку дојде до ваква ескалација и да излезе народ да протестира, дека тој може да биде многуброен и нормално, поддржан лично од мене, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски смета дека уставните гаранции за независноста на Судскиот совет се многу важни, а надлежноста на Собранието завршува со изборот на членовите на Советот. Овој став доаѓа како реакција на последните случувања, особено по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека на петтемина членови на Советот, на кои Собранието им изгласа недоверба, ќе им се случи народ ако сами не поднесат оставка. Мицкоски најави и дека ќе ги поддржи „самоорганизираните“ протести на кои ќе се бара тие да ги напуштат функциите.
Препорачано
– Што е уставно не кажувам јас, кажува Уставниот суд. Мојот став е дека е неспорно правото на законодавецот да нормира, или кога ќе увиди некои слабости во поредокот, да интервенира со законски измени и надополнувања. Но, должност на законодавецот е да го почитува Уставот. Веќе кажав дека овие три власти подложат на начелото поделба на власта согласно принципот на контрола и рамнотежа. Нашиот Устав не кажува сѐ, ниту еден устав на светот не дава одговор на сѐ. Интерпелацијата е уставна категорија, но нашиот Устав дава гаранции на независноста на судската власт. Мое лично мислење е дека тој принцип на контрола и рамнотежа на законодавната и извршната власт во судската власт, која ужива гаранции за својата независност, се исцрпува со изборот на овие пет члена на Судскиот совет, тоа не се судии, несудиски членови. Тоа е мој личен став, тоа е доволна контрола во тој систем на „чек енд балансис“ (контрола и рамнотежа) – рече Костадиновски на брифинг со новинарите.

Костадиновски: Уставниот суд е контролор на трите власти
Тој додаде дека „постојат дилеми и за постапувањето на Собранието, но не е толку тешко да се толкува Уставот и уставните гаранции за независноста на Судскиот совет се многу важни гаранции“. Костадиновски потсети дека Уставниот пред неколку години укинал одредби од Законот за судски совет, и тоа одредбата дека претседателот на Советот може да се избира од редот само на несудските членови.
– Апсурд е да се прави разлика помеѓу важноста на гласовите и пристапот до местото претседател на Судски совет помеѓу несудските и судските членови. Затоа нивното право на глас е еднакво и нивните надлежности и должности се еднакви. Што значи се изедначени. Сега се поставува прашањето – дали е можна интерпелација и за судските членови во Судскиот совет, зашто Уставниот суд рекол еднакви се – рече претседателот на Судот.
За најавите на ДУИ, пак, дека ќе поднесе интерпелации за целиот состав на Уставен и што во случај ако претседателот на Собранието Африм Гаши ги стави во процедура, Костадиновски вели дека никој во државата нема повеќе права од оние што му ги дава Уставот и дека секој е должен да го почитува Уставот, вклучувајќи го и Собранието. Во спротивно тоа ќе значи распад на уставниот поредок.
– Кристално е јасно, на секој правник од прва година му е јасно дека Уставниот суд претставува четврта власт и не подложи на начелото поделба на власт. Инструментот интерпелација во никој случај не може да биде употребен за Уставниот суд и за уставните судии. Ние сме контролори на таа власт, на сите три власти – законодавната, извршната и судската. Тоа би бил распад на уставниот поредок – изјави Костадиновски.
Мицкоски: Поединци тераат инает
Премиерот Мицкоски, пак, на петтемина членови на Советот, на кои Собранието им изгласа недоверба, им порача да си заминат.

– Кога тие што претходно ви ја дале довербата, ви гласаат интерпелација, односно недоверба, доблесно и чесно е да не правите трикови и да не барате дупки во законите, да си заминете. Многу едноставно. Гледаме дека поединци од таму тераат инает, мислат дека со инает ќе успеат нешто да направат. Јас сум постојано со народот и го слушам народот како реагира. Сакам да кажам дека доколку не постапат соодветно на одлуката на тие што ги избраа, а тоа се парламентарците, се плашам дека може да им се случи народ. Да се самоорганизира и да протестира затоа што народот е желен за правда. Ние излеговме на избори, освоивме половина милион гласови, нам правдата ни беше многу важен дел од програмата. Правда за сите, не само за поединци. И во име на тоа, имам чувство дека доколку дојде до ваква ескалација и да излезе народ да протестира, дека тој може да биде многуброен и, нормално, поддржан лично од мене. Ако се служат со трикови, водат инает, може да се самоорганизира народ и ќе им се случи народ – рече Мицкоски.
Премиерот не мисли дека врши упад во судската власт, туку вели дека само предупредува на последиците што може да се случат.
Собранието, на седницата во вторникот им изгласа недоверба на петтемина членови на Судскиот совет избрани од Собранието – Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми.
Томас Вајц за „Независен“: Загрижувачки знак за политичко мешање во судството
Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, во изјава за медиуми оцени дека повикот од Владата да поднесат оставки членови на Судскиот совет е „притисок и загрижувачки знак за политичко мешање во судството“.

– Овој повик од Владата е загрижувачки знак за политичко мешање во судството. Независноста на судскиот систем е од клучно значење за владеењето на правото и поделбата на власта, кои се фундаментални вредности за патот на Северна Македонија кон ЕУ – вели Вајц за „Независен“.